сабота, 13 декември 2025

Дебатата во Собранието неквалитетна, пратениците главно со дискусии без аргументи

Објавено на

часот

Сподели

Според извештајот, со вклучување во дискусиите поактивни биле пратениците од опозицијата, кои учествувале во 62% од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта учествувале во 38%. Најчесто за збор се јавувале и најдолго на пратеничката говорница се задржувале пратениците Бојан Стојаноски и Панчо Минов, а меѓу најактивните 10 пратеници, се најдоа пет пратенички – Гордана Сиљановска Давкова, Жаклина Лазаревска, Марија Георгиевска, Лидија Петкоска и Бети Стаменкоска Трајкоска, односно една пратеничка повеќе споредено со претходниот период (јануари – јуни 2021).

Во набљудуваниот период учеството на жените во дискусијата се задржува на 43%, исто како и во јануари – јуни 2021, што претставува највисоко учество во споредба со сите претходни периоди на набљудување.

Извештајот бележи слично ниво на интеракција и размена на ставови помеѓу учесниците во дискусијата со претходниот период на набљудување (јануари – јуни 2021). Во набљудувачкиот период, се одржа само една седница на пратенички прашања, од шест кои се предвидени во Деловникот на Собранието на РСМ. Во однос на аргументацијата на дискусиите, генерално се забележува влошување, во споредба со претходниот период на набљудување (јануари – јуни 2021). Во 52% од анализираните дискусии, учесниците немаа аргументи, додека во 41% од анализираните дискусии имаа слаба аргументација, односно говорниците понудија образложение на своите позиции што не е доволно да се смета за еден целосен аргумент. Еден или повеќе аргументи се забележани во 7% од дискусијата.

Во однос на тоа како пратениците одговараат на упатени аргументи од страна на други пратеници, набљудувањето забележува дека во само 7% од нивните излагања, пратениците соодветно ги адресирале аргументите, односно пратеникот/пратеничката директно одговорил/а на аргументи кои претходно му ги упатил друг учесник на седницата. Понатаму, во 21% од дискусијата аргументите на другите пратеници биле целосно игнорирани. Во 42% од случаите немаше упатени аргументи или прашања од други пратеници што посочува на ниско ниво на дискусија, генерално.

Во овој период на известување, во набљудуваните дискусии беше забележана промена на став кај 9 пратеници поради подобри аргументи на соговорниците за точката на дневен ред.

Во овој период пратениците повеќе се осврнувале на разгледување на личноста на соговорниците отколку кон нивните аргументи. Во 10% од излагањата, пратениците искажале почитување или делумно почитување кон аргументите на пратениците од другата политичка опција, додека непочитување или делумно непочитување кон аргументите искажале во 13% од дискусијата. Почитување или делумно почитување кон нивната личност искажале во 22% од дискусијата, додека непочитување или делумно непочитување искажале во 10% од дискусијата.

Извештајот го потврдува и константно нискиот осврт на пратениците кон правата на маргинализираните групи, низ сите периоди на набљудување. Забележано е дека пратениците во речиси 86,8% од нивната дискусија, не се осврнуваат кон правата на маргинализираните групи, доколку специфично не се дискутира за одреден закон или тема на дневен ред поврзано за нивните права.

Препораките во извештајот вклучуваат неопходност од зголемување на квалитетот на дебатата и нивото на аргументираност на говорите на пратениците во Собранието, што  може да се постигне преку зголемување на информираноста и знаењата на пратениците за темите кои се предмет на дискусија, како и подобрување на нивните дебатни и ораторски вештини. Исто така, се препорачува Собранието да биде вклучено во процесот на Проценка на влијанието на регулативата (ПВР), а пратениците внимателно и минимално да ја користат скратената постапка и постапката на разгледување на предлог-законите со европското знаменце. Исто така, пратениците треба да се надоградат со стручност и разбирање за влијанието на законите врз животот на различни групи граѓани, проактивно да користат алатки што им стојат на располагање за зајакнување на капацитетите за разгледување и дебатирање по закони, меѓу кои и обуките што ги нуди Програмата за парламентарна поддршка (ПСП) и суштински е Собранието да воведе календар на седници, што би овозможило повеќе време за спремање на пратениците за точките на дневен ред.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ