„Мојата кандидатура и програма ги поднесов согласно сите услови и рокови предвидени со правилникот за избор и кандидирање на претседател на НСДП кој го усвои самиот Централен одбор. Иако сум единствен кој поднесе кандидатура и програма согласно правилникот, верувам во демократскиот дух на партијата и дека ќе имаме успешни и демократски избори за претседател на партијата на претстојниот Конгрес на 4 јуни“, изјави Трајковски пред почетокот на состанокот.
Прашан што доколку денеска Централниот одбор сепак донесе одлука да има само еден кандидат, односно Горан Мисовски, Трајковски одговори дека самиот правилник предвидува кандидатура за претседател да може да биде пријавена и на самиот Конгрес и дека планира да ја искористи и таа можност.
Долгогодишниот лидер Тито Петковски кој и раководи со седницата, пред почетокот на Централниот одбор изјави:

„НСДП е низ годините успешна партија и очекувам тој тренд да продолжи. Околу подготовката на Конгресот, среќен сум што членовите преку општинските организации имаа можност да предлагаат носители на функции на партиските тела, како и кандидати за претседател на НСДП. Самиот факт што има повеќе од 10 кандидати доволно говори за демократскиот дух“.
Инаку вчера за МКД.мк Горан Мисовски изјави дека самиот тој е предложен како единствен кандидат бидејќи, како штро нагласи, за него се изјаснило мнозинството, односно со потписи е поддржан од 10 од 16 членови на Извршниот одбор, основачи и носители на најмоќните општински организации на партијата.
Петковски и Трајковски, исто така за МКД.мк вчера изјавија дека е нестатутарно да се предложи само Мисовски бидејќи, како што нагласија, кандидатури се поднесени од десет членови на партијата, но и дека Организацискиот одбор пред Конгресот го заменува Извршниот одбор, кој во овие моменти нема извршна функција.






