„Никој никого не саботира во ова Министерство. Само ќе кажам дека дента кога се направи примопредавањето помеѓу Спасовски и Тошковски, пристигнаа 50.000 обрасци, пред некој ден пристигнаа 20.000 обрасци. Оекуваме поголеми пратки со што ќе се задоволат сите потреби за граѓаните кои сакаат да извадат документи“, рече Бојмацалиев.
Во однос на информациите дека дел од државите дозволуваат влез во нивните држави со наши стари патни исправи, тој рече дека тоа зависи од ставот на државите.
„ЕУ треба да донесе став, дали ќе ги прима граѓаните со старите пасоши кои по наш закон повеќе не се во важност. Има определени држави кои уште ги примаат граѓаните со стари документи. Не сакам да кажувам имиња за да не направиме забуна меѓу граѓаните. Најдобро е граѓаните да ги искористат капацитетите на МВР, да дојдат и да земат нова патна исправа“, рече Бојмацалиев.
Во однос на инцидентот што се случи во неделата наутро, кога полицаец физички нападна колега, дополнителниот заменик министер рече дека е поднесена една кривична пријава против едно лице кое спречило колега да извршува службени дејствија.
„Утрово сум информиран дека истрагата се проширува уште кон двајца колеги. Повеќе информации не би можел да дадам“, изјави тој.
Во однос на затворањето на огранок на станицата за технички преглед „Авто контрол“ во населбата Доброшане, кумановско, Бојмацалиев рече дека кога МВР затвора одреден правен субјект, тоа е затоа што не исполнува некои услови.
„Кога ќе ги исполнат условите, сигурно ќе имаат употребна дозвола“, рече Бојмацалиев кој денеска заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски го посети СВР Куманово.






