Во соопштението украинската амбасада вели дека е очигледно дека „непријателот продолжува да ги користи своите пропагандни методи за водење информативна војна со цел да ги обвини Вооружените сили на Украина и да ја ескалира ситуацијата“.
„Со таквите дејства, напаѓачите уште еднаш го покажаа својот циничен и рамнодушен однос кон животот и здравјето на цивилите. Командирите на Здружените сили официјално објавија дека единиците на Здружените сили строго се придржуваат до договорите од Минск и нормите на меѓународното хуманитарно право. Според тоа, наводите за наводно гранатирање на населени места од страна на Вооружените сили на Украина се отворени лаги и провокации, за кои е одговорна земјата окупатор. Покрај тоа, во текот на изминатите 24 часа, на 20 февруари, од страна на вооружените формации на Руската Федерација регистрирани се 80 прекршувања, од кои 72 биле со употреба на оружје забрането со договорите од Минск“, пишува во соопштението.
Украинската амбасада наведува дека како резултат на гранатирањето, еден војник се здобил со борбени повреди и дека неговата здравствена состојба е задоволителна.
„Окупаторите продолжуваат цинично да водат артилериски оган од населените места, криејќи се зад цивилите како зад жив штит“, пишува на крајот од соопштението за македонската јавност.






