Фото: Возилото кое го доби МИА
„Во рамки на моделот за социјалната реупотреба, односно донација за општествени цели, во периодот од 3 месеци спроведено е бесплатно отстапување на вкупно 45 автомобили, и тоа на следните институции: Министерство за правда, Министерство за здравство, Министерство за информатичко општество и администрација, Затвор Идризово, Општина Гостивар, Управа за финансиска полиција, Министерство за внатрешни работи, Национални шуми-Скопје, Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство, АД Пошта на С.Македонија, Општина Крушево и многу други институции“, вели во својот извештај директорот на Агенцијата Дритон Небиу. Тој преку Фејсбук открива дека меѓу институциите кои добиле донација е и новинската агенција МИА.
Директорот Небиу на својот фејсбук – профил објави фотографија од возилото марка БМВ кое ѝ е отстапено на МИА, како и фотографија од средбата по тој повод со заменик директорот на МИА, Осама Муадини.

По последната акција на надлежните органи во која беше запленета голема количина на зеленчук и овошје, Агенцијата информира дека веднаш запленетата храна ја донирала на ИП „11 Октомври“ – Скопје, на Државно рехабилитациско училиште за деца и млади лица со пречки во видот „Димитар Влахов“ Скопје, наУниверзитетска клиника за физиотерапија и медицинска рехабилитација на ИСХП – Скопје, на Здружение за слепи лица – Куманово, на ЈЗУ Специјална болница за гинекологија „Мајка Тереза“, на ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“ – Скопје, на -Завод за белодробни заболувања кај деца Козле, на ИП Институт за рехабилитација на деца и младинци – Скопје и на КПУ Идризово.
Воедно, била направена акција во рок од пет дена да се донираат предмети и средства кои со години стоеле во царинските складови па така биле опфатени училишта, здравствени установи, домови и други институции.
Директорот Небиу информира дека во рок од еден месец ќе следува и друга донација која ќе биде дистрибуирана во општините Струга, Гостивар, Долнени, Шуто Оризари и Чашка и вели дека тука нема да застане, туку дека Агенцијата ќе донира секаде каде што е тоа потребно.






