Како што соопшти британската амбасада, уште од 24 март, војници од осум земји на НАТО почнаа да пристигнуваат во земјава за вежбата „Брз одговор 22“, вежба на сојузничките воздухопловно-десантни сили, што е дел од пошироката серија вежби кои се одржуваат низ цела источна Европа.
Во текот на следните недели 2.700 војници од Албанија, Франција, Грција, Италија, Македонија, Црна Гора, Обединетото Кралство и САД ќе спроведат обуки, вклучително и обука со боево гаѓање, како и дневни и ноќни скокови со падобран. На обуката ќе се демонстрира способноста на земјите-членки на НАТО да се распоредат насекаде низ светот и способноста на нивните војници да работат заедно професионално и успешно. „Оваа годишна вежба, која годинава се случува во Северна Македонија, е клучен придонес за европската безбедност, која има за цел да испорача сили со висока готовност во низа улоги, да го зголеми го капацитетот и да ги дополни НАТО и другите европски и глобални безбедносни аранжмани“, се наведува во соопштението.
За обуката распоредена е 16-та воздушна јуришна бригада со 1.800 војници – падобранци, инженери, артилерија, логистичари, медицински лица, воено разузнавање, специјалисти за комуникации, армиски воздухопловен корпус, кралски воздухопловни сили, механичари и специјалисти за уништување на експлозивни убојни средства. Бригадата се распоредува во вежби и операции на глобално ниво со сите возила и опрема потребни за самоодржливост, вклучувајќи хеликоптери, теренски транспортери на тркала и гасеничари, артилериски пушки и мноштво логистички и инженерски возила.






