понеделник, 19 мај 2025

Политички субјекти бараат претседателката да не го потпишува укинувањето на член 62-а од Законот за градба

Иницијативата за укинување на членот 62-а од Законот за градба, со што практично им се одзема правото на соседите да бидат информирани за издадена градежна дозвола на парцела во близина на нивниот животен простор, предизвика реакција на несогласување од повеќе политички субјекти: од невладини организации, претставници на локална самоуправа, до политички партии.

Објавено на

часот

Сподели

Првично реагираа од „Шанса за Центар“, кои се огласија веднаш, откако минатата недела во Собранието со мнозинтсво од гласовите беше избришан членот 62-а во Законот за градење, познат како „соседско право“.

Со членот 62-а на секое одобрување за градење соседите имаа право во рок од 15 дена да извршат увид во градежниот проекти и евентуално да поднесат жалби.

„Надлежниот орган што го донел одобрението за градење е должен во рок од три дена од денот на донесувањето на одобрението за градење да ги извести непосредните соседи на градежната парцела за која се донесува одобрението, за издаденото одобрение за градење и дека во рок од 15 дена од денот на издавање на одобрението за градење можат да извршат увид во документацијата. Доколку непосредните соседи не извршат увид и/или не поднесат жалба против одобрението за градење во рок од 15 дена од денот на издавање на одобрението за градење, одобрението за градење станува правосилно“, гласеше членот 62-а од Законот за градење.

Денеска со реакција за укинувањето на односниот член во Законот за градба се огласија и од Општина Карпош, како и од партијата ДОМ.

„Општина Карпош со неверување ја прифати иницијативата за укинување на член 62-а од Законот за градба и не можеме да се изначудиме како владејачката ВМРО-ДПМНЕ укина еден вака важен член од законот. Членот 62-а ја обврзуваше локалната самоуправа при издавање на градежна дозвола соседите да бидат информирани во рок од 48 часа, за градбата во нивното непосредно соседство и им даваше право да извршат увид во проектната документација и издадената градежна дозвола.

Да потсетиме, овој член од законот го донесе министерот Миле Јанакиевски во Владата на Никола Груевски и го промени претходниот закон, со кој задолжително се бараше согласност од соседите доколку градбата е поблиску од 3 метра до оградата. Ваквата одредба навистина претставуваше кочница при изградбата и многу често до израз доаѓаа лошите соседски односи, кои на моменти дури се претвораа во изживување.

Измената предложена од министерот Јанакиески беше во согласност со транспарентноста и овозможи соседите да бидат информирани, да извршат увид, но дали ќе се гради или не, зависеше од законските и подзаконските акти, а не од волјата на комшилукот. Транспарентноста беше запазена. Кочница при издавање на дозволите немаше и не ни е јасно што има потреба владејачката партија која се декларираше дека не ги штити интересите на инвеститорите, туку на граѓаните, да направи ваква измена со која целосно ќе го укине дури и информирањето на најблиските соседи, што според наше мислење – е недозволиво.

Длабоко сме убедени дека ова не е барање на локалната самоуправа, туку е барање исклучиво на инвеститорите, а Министерството за транспорт и врски се крие зад наводното барање на општините.

Недозволиво е соседот да нема право дури и да изврши увид во документацијата. Оваа измена не е во согласност со европските директиви, ја намалува транспарентноста и затоа ја повикуваме претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, да не ги потпише овие измени на законот. Општина Карпош и понатаму ќе ги информира соседите при издавање на градежните дозволи“, се вели во соопштението на Општина Карпош.

Во соопштението на ДОМ се наведува дека со загриженост го следат начинот на решавање на предизвиците во областа на градежништвото. Според оваа партија, неодамнешното укинување на членот 62-а од Законот за градење може да послужи како пример зошто е важно да се пристапи кон системски реформи, наместо кон парцијални интервенции. Тие имаат апел и неколку предлози до Владата и Собранието околу носењето на нови закони за градење, како и за заштита на културното наследство.

„Членот 62-а имаше за цел да им овозможи на граѓаните да го изразат своето мислење во врска со нови градби, кои можат да влијаат на нивниот живот и имот. Неговото укинување отвора прашања за начинот на заштита на правата на граѓаните во иднина.
Веруваме дека за стабилен и праведен развој на градежништвото, потребни се темелни и долгорочни решенија, вградени во сеопфатни законски рамки. Свесни сме дека постојат подготвени нацрт-текстови за нов закон за градење и закон за заштита на културното наследство, кои нудат можност за создавање на таква рамка.
Апелираме до Владата и Собранието :
-Да го преиспитаат пристапот на парцијални измени и да се фокусираат на донесување на нов Закон за градење и Закон за заштита на културното наследство на здрава основа, користејќи ги како појдовна точка веќе постојните нацрт-текстови.
-Да обезбедат транспарентен и инклузивен процес на подготовка и донесување на овие закони, со цел да се создаде правна рамка која ќе ги штити правата на граѓаните, ќе обезбеди одржлив развој и ќе ја унапреди правната сигурност во областа на градежништвото.
-Во рамките на новите законски решенија, да се обезбедат механизми за заштита на правата на граѓаните во однос на влијанието на новоградбите.
Веруваме дека преку заеднички напори и фокусирање на системски решенија, можеме да создадеме подобро законско опкружување за сите“, се наведува во реакцијата на ДОМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ