петок, 5 декември 2025

Политичарите се солидаризираа со народот по повод Светскиот ден на волонтерството

По повод 5 декември – Светскиот ден на волонтерството, пратеници заедно со волонтери на Црвен крст, утрово излегоа на терен за да помогнат таму каде што е потребно. Како што беше појаснето, активностите опфаќаат пакување и дистрибуција на хуманитарна помош, поддршка за бездомници, помош на стари и изнемоштени лица во домашни услови, социјални активности за поддршка на лица од третата доба, поддршка за лица со попреченост, промотивни активности од областа на првата помош и крводарителство и други хуманитарни и социјални активности во заедниците. На терен излезе и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Објавено на

часот

Сподели

Пред да излезат на терен, во просториите на Црвениот крст во Скопје, се обрати претседателот на организацијата, Ромел Велев. Тој ги запозна пратениците со работата на Црвениот крст, потсетувајќи дека годинава прославија 80-годишен јубилеј и оти имаат 33 општински организации низ државата.

„Црвениот крст денеска работи рамо до рамо со група пратеници, кои покажаа подготвеност да одвојат од своето драгоцено време, да излезат на терен, да допрат до луѓето и да го почувствуваат вистинското срце на хуманоста“, подвлече Велев.

Тој им се заблагодари, велејќи дека со овој пример се покажува дека волонтерството е универзална вредност.

Собранискиот претседател Африм Гаши рече дека уште кога зборувале за идејата, му се допаднала и таа се вклопувала со визијата да се доближи Собранието до граѓаните.

Гаши го честиташе Денот на волонтерството и рече дека ваквата организација треба да продолжи и зад камери.

Претседателот на Собранието додаде дека Законот за волонтерство е малку застарен и треба да се направат некои измени, со цел, како што нагласи, да се приспособи на денешните предизвици.

На терен излезе и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Како што напиша на својот официјален фејсбук профил Ѓорѓиевски, овој ден е силен потсетник за важноста на волонтерството, но и повик до институциите и граѓаните да ги поддржат волонтерските организации и нивната хумана мисија.

„Токму затоа, денес заедно со претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски, се приклучуваме на активностите организирани од Црвениот крст на Република Македонија – Црвен крст на Град Скопје. Заедно со група пратеници од Собранието на Република Македонија, ќе учествуваме во хуманитарни и социјални активности низ градот, посветени на оние кои најмногу имаат потреба од наша поддршка. Овој чекор е јасен показател за институционалната поддршка која волонтерството ја заслужува, една од темелните вредности на Црвениот крст и клучен двигател за создавање посилни, похумани и поотпорни заедници. Преку активности за поддршка на стари и изнемоштени лица, помош за ранливи категории како бездомните и лицата со попреченост, како и преку учество во хуманитарни иницијативи, испраќаме порака дека волонтерството е чест и привилегија. И оваа година, Град Скопје стои рамо до рамо со волонтерите како поддржувач, сојузник и активен учесник во создавањето на поодговорно, похумано и посолидарно општество“, напиша Ѓорѓиевски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ