Според информации до кои дојде МКД.мк, се водела тивка операција, во тесен и затворен круг, насочена кон директен удар врз канабис-тајкуните во Македонија. Акцијата, како што се тврди, била подготвувана подолг период и спроведувана без јавни изјави и институционално експонирање.
Неофицијално, вечерва е во тек полициска опсада на повеќе објекти и локации во Струмица и Струмичко. Воедно, објект во Скопје, во поранешниот комплекс „Охис“, е целосно запоседнат од надлежните институции уште од четвртокот вечерта.
Според истите извори, во акцијата се вклучени повеќе институции – полицијата, царината, здравствените служби и јавното обвинителство. Дејствијата се насочени кон мрежата на таканаречени „легални“ производители на канабис, кои со години, наводно, ја злоупотребуваат дозволената дејност.
Засега нема официјални потврди, но нема ниту деманти. И токму тоа, според соговорници упатени во случајот, говори многу.
Очигледно, институциите овојпат решиле да не играат по старото сценарио со притисоци, протекување информации и политички калкулации, туку да одат до крај – тивко, системски и без компромиси.
Премиерот Христијан Мицкоски денес, во изјави за медиумите, не сакаше да се впушта во детали за марихуаната запленета во Србија, што дополнително упатува дека во позадина се одвива опсежна акција на Министерството за внатрешни работи.
Овие структури, според неофицијалните сознанија, не се случајна појава, туку производ на години толеранција, заштита и системски дупки, создадени и одржувани од политичко-бизнис елити од минатата власт, предводена од Зоран Заев.
Дали актуелниот институционален молк е знак дека конечно се удира во срцето на проблемот, а не по маргините, ќе покаже периодот што следи. Доколку тишината навистина значи дека се подготвува финален и тежок удар врз легализираното криминално профитирање, тогаш вреди да се почека.
Повеќе информации се очекуваат во текот на утрешниот ден.





