Основното јавно обвинителство Скопје работи на собирање докази за евентуално кривично дело во врска со состојбата со отпадот во Скопје. Јавниот обвинител издаде наредби до МВР и до други надлежни органи за итно постапување и проверки во однос на работењето на ЈП Комунална хигиена-Скопје (КХС). Доставени се барања до комуналните инспекциски служби да извршат вонреден инспекциски надзор и да ја констатираат моменталната состојба.
Владата претходно соопшти дека го задолжила Министерството за внатрешни работи во координација со Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје да извршат вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и во Комунална хигиена со цел да се утврди состојбата со отпадот во главниот град и да се преземат соодветни мерки.
„Состојбата е алармантна и иако надлежноста е на Град Скопје, поради континуираното непостапување, ги повикуваме институциите веднаш да постапуваат по донесените заклучоци на Владата“, соопшти попладнево Владата.
Докторот Андон Чибишев на својот фејсбук-профил го повика Републичкиот јавен обвинител веднаш да се активира.
„Се работи за класичен пример за загрозување на здравјето на општата популација. Скопје се претвори во депонија. Се работи за класичен пример за загрозување на здравјето на општата популација. Одговорност мора да има“, напиша Чибишев.
Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) свика итен состанок кој ќе се одржи утре во 14 часот, откако тоа првично го побара градоначалникот на Центар – Горан Герасимовски, кој посочи дека пет дена комуналното претпријатие не го собира натрупаниот отпад. Претседателот на ЗЕЛС, и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски вели дека проблемот е присутен во секоја општина и најавува можни кривични пријави за директорот на КХС, а според него, заднината на состојбата е политичка.
Од КХС велат дека Министерството за здравство им должи пет милиони евра и дека тие пари се доволни долгорочно да им го реши проблемот со платите. Министерството за здравство го демантира ова и предупредува да не се шират лажни информации.






