петок, 5 декември 2025

Полемики и обвинувања меѓу опозицијата и власта за предлог-буџетот за 2026

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска втор ден продолжи амандманската расправа по предлог-буџетот за 2026 година. Поднесени се околу 210 амандмани, а денеска беа разгледани неколку амандмани од опозицијата кои не беа прифатени.

Објавено на

часот

Сподели

Со амандманите се бараа повеќе средства за Министерството за европски прашања, за Министерството за односи со заедниците, за одбележување на 25-годишнината од Охридскиот договор, како и за програмата за правична и соодветна застапеност на заедниците.

Дебатата се претвори во полемика и обвинувања меѓу опозицијата и владејачкото мнозинство за меѓуетничкиот соживот по говорот на пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски упати критики кон говорот на Битиќи, истакнувајќи дека неговото излагање е националистички настроено.

„Јас сум единствениот пратеник кој поднесуваше амандмани за изградба на средното училиште „Сами Фрашери“ во Куманово на албански наставен јазик. Преку своето влијание во општината и преку кадрите кои беа на раководни и се на раководни позиции од ВМРО-ДПМНЕ направивме проект, обезбедивме средства и денес училиштето се гради.  После 1983-година, гимназијата „Сами Фрашери“ ќе биде првото училиште кое ќе биде изградено во Куманово. Е така колега Фатмир Битиќи се гради соживот во Куманово, не со националистички говори, не со шовинистички говори, туку со дела видливи за сите граѓани“, рече Петрушевски.

Битиќи во репликата на Петрушевски рече дека разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е во начинот на гледање на општеството.

„Јас не ги гледам работите на ваши и наши. Сум бил вицепемиер и сум дал пари и за сала во Куманово и за училиште во Тетово и во секоја една општина. Нема вакво или онакво училиште, нема наши и ваши деца“, рече Битиќи.

Според владејачкото мнозинство, опозицијата со барањето за скратување на средства од спортот, го казнува спортот и прави злоупотреба за да добие политички поени.

Седницата продолжува по редовната едночасовна пауза.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ