„Заради пролонгирање, заради проблемите кои настанаа при изведување на главната водоводна линија од страна на економскиот оператор дел од штипските населби имаат проблеми со водоснабдувањето. Во овој момент сакам да ја информирам јавноста дека оваа линија сѐ уште не е ставено комплетна во функција и треба да се доработува заради одредени аномалии, коишто се констатирани. Како градоначалник сигурно имам одговорност за сето ова и ја прземам целата одговорност. Затоа што водени од желбата да ја реконструираме водоводната линија на територија на Општина Штип, влеговме во овој зафат, во којшто никој не влегол“, вели Јорданов.
Посочи дека надзорот ќе ги констатира неправилностите, при изведбата. Јорданов вели свесен е оти домаќинствата од неколкуте штипски населби веќе трети ден се без вода за пиење, но свесен е дека и треба да се најде решение и отстранување на проблемите кои се јавија при самата изведбата на главната водоводна линија.
„Најпрвин сакам да се извинам на сите граѓани, а по извршување на целата операција, активност доколку е потребно да се сноси одговорност сум спремен за тоа. Она што сакам да ја известам јавноста е дека ние продолжуваме деноноќно со работа. Вечерва ќе се работи овде, каде што се нотирани проблемите. Општина Штип со целокупните ресусри со коишто располага е на терен, заедно со економските оператори, за да се најде решение на оние аномалии кои се појавија со поставување на новата водоводна линија. Економскиот оператор доколку се констатира дека направил одредени пропусти, Надзорот ќе треба да прземе одредени чекори во насока на санкционирање“, изјави Јорданов.
Тој додаде дека штипските населби Осми Ноември, Исар, Пребег, Ново Село, Три Чешми и Железничка во наредните денови ќе имаат редуцирано водоснабдување се додека не заврши поставувањето на главната водоводна линија. Во населбите, каде што објектите, односно станбените згради и куќи се на повисоки точки, до кои не е пристигнато ниту капка вода во изминатите три дена има и цистерни со техничка вода, а општината ќе дели и флаширана вода за пиење.






