Како што информираше обвинителството, од обезбедените докази произлегло дека првообвинетиот заедно со уште двајца, за кои истражната постапка е во прекин, сториле кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
„Лицата со искористување на своето претпоставено влијание, врз двајца обвинети полициски службеници, влијаеле истите да не извршат службени дејствија што би морало да ги извршат, со цел да му овозможат на турски државјанин, кој незаконски престојувал во РСМ, да се стекне со дозвола за привремен престој. Лицата за посредувањето примиле награда во износ од 900 евра, а обвинетите полициски службеници го прифатиле влијанието и ја злоупотребиле својата службена положба и овластување“, велат од Обвинителството.
Со поднесеното обвинение полициски службеник, вработен на граничниот премин Долно Блаце, е обвинет и за примање поткуп. Тој од турски државјанин кој подолго време незаконски престојувал во државата индиректно побарал и примил подарок од 3.000 денари за да изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши.
„Тројца полициски службеници и непознато лице посредувале во давањето на поткупот, при што двајца полициски службеници со патната исправа на турскиот државјанин оствариле фиктивен влез во РСМ, како услов за отпочнување на постапка за одобрување на привремен престој. На сличен начин му било овозможено на уште еден турски државјанин со незаконски престој да ја напушти територијата на РСМ без да биде евидентиран во системот за контрола на патници и возила и без да му биде наплатена прекршочна санкција. Имајќи предвид дека согласно одредбите од Законот за странци незаконскиот престој е прекршок за кој е предвидена прекршочна санкција – глоба во износ од 50 до 250 евра во денарска противвредност, обвинетите со своите дејствија го оштетиле и Буџетот“, информираа од Јавното обвинителство.
Оттаму потенцираат дека во текот на истражната постапка се обезбедени и докази според кои обвинетиот – виш инспектор за странци и реадмисија од јули минатата година до април годинава со умисла искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности и за седуммина прибавил корист – право на привремен престој во РСМ.
„Постапувајќи по претходно поднесени барања за одобрување на привремен престој на седумте државјани од Бангладеш и Непал, обвинетиот не ги зел предвид негативните известувања од АНБ за постоење на безбедносен ризик и постапил спротивно на одредбите од Законот за странци носејќи решенија со кои на сите им одобрил привремен престој заради работа“, информираа од Обвинителството.
Истражната постапка беше започната во мај годинава кога 11 осомничени беа уапсени, а двајца беа во бегство. Во меѓувреме против еден осомничен е донесена Наредба за запирање на истражната постапка, а за двајца е донесено Решение за отфрлање на кривичната пријава. Едно од избеганите беше пронајден и се наоѓа во екстрадиционен притвор во Србија, а по другиот е активна меѓународна потерница.






