Наместо случајот со покојната кумановката да биде третиран како сомнителен, смртта била констатирана како природна, со што постоела реална опасност ова убиство никогаш да не биде откриено и да се закопа засекогаш заедно со телото на покојната жена.
Убиството на 79-годишната жена од Старо Нагоричане по кое за осомничениот 25-годишник од село Челопек беше отворена истрага и тој беше приведен, отвори една нова димензија на целиот случај. Од едно убиство, сега сомнежите се дека можеби тој сторил серија убиства.
Со осомничениот за убиствата надлежните дури по еден месец го поврзаа и случајот со починатата Р.Т. од Куманово.
Одговор за тоа побаравме од Кумановската болница од каде директорот Сашо Стошевски за МКД.мк посочи дека само една повозрасна жена со повреда на окото кај нив побарала помош, а подоцна случајот бил поврзан со осомничениот за убиство.
„Кај нас на 9 февруари со повреда на окото дојде повозрасна жена која беше препратена на Очна клиника во Скопје, а подоцна поврзана со осомничениот. Беше донесена со возило од Центарот за управување со кризи. За жената за која беше побарана ексхумација, ние не констатиравме смрт, туку тоа го прави Итната медицинска помош кој е под Здравствен дом Куманово“, ни појасни директорот Стошевски.
Се обидовме да го добиеме и директорот на Здравствен дом Куманово, но не успеавме.
Прашањата кои треба да се одговорат се кој ја прегледал жената која беше откопана откако беше погребана, како и кој од Итната медицинска помош утврди и издаде документ дека се работи за природна, а не насилна смрт. Нестручноста на лицата кои биле на увид кога била повикана Итната медицинска помош доведе до катастрофална грешка која можеше да го сокрие убиството и да го закопа засекогаш под земја заедно со починатата жена.
Но, по првичната проценка дека станува збор за природна смрт, случајот со жената која беше погребана пред околу еден месец, сега доби драматичен пресврт. По нови сознанија и дополнителни истражни дејствија, надлежните институции утврдиле дека постојат сериозни индиции дека смртта не била природна, туку насилна.
Истражните органи по добиените резултати од дополнителните вештачења го отворија случајот повторно, со цел целосно расветлување на околностите.
Од обвинителството најавуваат дека сите релевантни докази ќе бидат темелно анализирани, а јавноста ќе биде информирана за понатамошниот тек на постапката.
Случајот се води како сериозно кривично дело, а истрагата продолжува со цел да се утврди одговорноста и да се обезбеди правдата. Обвинителството нареди и психијатриско вештачење на осомничениот од страна на тим вешти лица – форензички психијатри од Институтот за психијатрија во Скопје.
Но, она што не е исклучено е дека ќе се прават ексхумации и на други починати жени. Како минува времето и колку е подолго растојанието од погребите до ексхумациите, толку се помали шансите дека ќе биде најдена трага која убиецот ќе го поврзе со смртта кај жените. Сега обдукцискиот извештај кој што го чекаат од Обвинителството, треба да се даде одговор дали е најдена ДНК на осомничениот кај жената што беше ексхумирана.
Ексхумација е постапка на повторно откопување на веќе погребано тело, по наредба на обвинителство или суд, со цел да се извршат дополнителни испитувања. Таа најчесто се спроведува кога постојат сомнежи дека смртта не била природна, кога има нови докази или кога првичната медицинска проценка се доведува во прашање.
И по одреден временски период, форензичката медицина може да открие различни докази, во зависност од состојбата на телото и времето поминато од погребот. Што овде е откриено ќе се знае откако обдукцискиот извештај ќе се најде во рацете на обвинителот кој нареди да се откопа телото.
Она што е можно, е да се изолира биолошки материјал (кожа, коса, телесни течности) кој може да се спореди со ДНК на осомничен. Тоа често е клучен доказ, но може да се најдат и влакна, честички од облека, почва или други материјали што можат да го поврзат осомничениот со жртвата. Во многу случаи, токму ексхумацијата е клучна за откривање на убиство што првично било сметано за природна смрт, но дали и кој ќе сноси одговорност за направената грешка, треба да одговорат надлежните.
Отворено е и прашањето дали осомничениот сериски убиец ќе добие позитивно мислење по психијатриското вештачење, односно дали е пресметлив или не, или дијагноза која ќе го спаси од затвор и ќе го смести на задолжително психијатриско лекување.
Во јавноста се појави фотографија од безбедносна камера на која, според извори блиски до истрагата, е забележан осомничениот за серијата убиства.
Катерина Додевска






