Со Обвинителниот акт десетте осомничени се обвинети за сторено кривично дело злосторничко здружување, на тројца од нив како организатори им се ставаат на товар дека сториле продолжено кривично дело даночно затајување и кривично дело – перење пари и други приноси од казниво дело. Останатите седуммина според стореното се обвинети за даночна измама, фалсификување исправа и перење пари и други приноси од казниво дело.
Според обвинението, во текот на 2023 година била создадена група што имала за цел вршење на кривични дела даночно затајување, даночна измама, перење пари и други приноси и злоупотреба на службена положба и овластување. Организатори на групата биле првообвинетиот – српски државјанин и сопственик и управител на две обвинети фирми и двајца службеници од регионална дирекција на УЈП – Скопје. Во периодот од 2023 до 2025 година на групата се приклучиле и други сопственици, управители и вработени во фирми во Скопје и Гевгелија.
„Првообвинетиот, со намера да одбегне целосно или делумно плаќање данок како давачка на која бил законски обврзан, во годишните даночни биланси доставени до Управата за јавни приходи, дал лажни податоци за своите приходи и за приходите на правните лица. Двајцата службеници вработени во УЈП, давајќи му совети и упатства и отстранувајќи ги пречките за извршувањето, со умисла му помогнале во извршување на кривичното дело даночно затајување. На тој начин во име и за сметка на кривично одговорните правни лица, првообвинетиот не пресметал и не платил данок од значителна вредност во вкупен износ од 16.782.519 денари“, информираа од ОЈО ГОКК.
Останатите осомничени сопственици и управители на фирми со цел неосновано да побараат враќање на данок во име и за сметка на нерезидентни фирми што немаат седиште во Македонија, но плаќаат ДДВ за услуги остварени во земјата, ја довеле во заблуда Управата за јавни приходи давајќи лажни податоци во поднесените даночни пријави, за враќање на данокот на додадена вредност во име и за сметка на правните лица со што го оштетиле буџетот во износ од 33.620.551 денари.
„Дополнително, во истиот период, дел од обвинетите со цел прикривање на потеклото на парите прибавени со кривични дела, пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на парични средства во вкупен износ денари 401.227.898 денари“, се наведува во соопштението на ОЈО ГОКК.
Со Обвинителниот предлог пак, се опфатени службени лица од одделението за регистрација и утврдување на даноци при УЈП – Регионална дирекција Скопје.
Според Обвинителството, обвинетите со умисла извршиле две или повеќе временски поврзани дејствија и со намера да прибават за друг значителна имотна корист или на друг да му нанесат значителна имотна штета, искористиле исти прилики и не ја извршиле својата службена положба и овластување.
„Со своите дејствија по поднесени барања за враќање на ДДВ преку полномошниците – обвинетите фирми прибавиле имотна корист во вкупен износ од 349.652.595 денари и за истиот износ нанеле штета на Буџетот на РСМ. Десет лица се обвинети дека ја злоупотребиле својата службена положба и овластување, додека едно лице дека сторило кривично дело фалсификување исправа“, објаснуваат од ОЈО ГОКК.
Обвинителството, ценејќи дека не се изменети околностите врз основа на кои на седуммина обвинети претходно им е определена мерка притвор, до судот достави и предлог за продолжување на мерката.
„Дополнително ОЈО ГОКК достави предлог за конфискување на движен и недвижен имот од осомничените во висина на предизвиканата штета на буџетот, како и одземање на предмети употребени за извршување на кривично дело. Во текот на постапката преку меѓународна правна помош е замрзнат имот и сметки на првоосомничениот, па согласно меѓународното право конфискацијата по завршување на постапката ќе се бара од српските власти“, наведуваат од ОЈО ГОКК.






