Поповска, во текст за Плусинфо ги појаснува причините за поднесувањето на иницијативата до Уставниот суд.
Таа потсетува дека протоколот е правен акт потпишан од министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, врз основа на членот 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
„Предлагам донесување одлука за негова ништовност, поради прекршување на 14 членови од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, 2 члена од Законот за надворешни работи и 3 члена од Уставот. Меѓу прекршените членови од Уставот е и членот 8 за темелните вредности на уставниот поредок, во делот за основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право“, наведува Поповска.
Таа нагласува дека протоколот ја нема поминато легалната процедура за негово договарање, усвојување од страна на Владата, потпишување, собраниска ратификација и објава во Службен весник.
„Протоколот не е полноправен акт потврден од парламентот, туку е само записник од состанок на меѓувладина комисија. Како правно ништовен документ, протоколот не смее да наметнува штетни дејствија диктирани од соседна земја, ниту на Македонија да ѝ задава крајно непринципиелни и понижувачки обврски, кои задираат длабоко во темелите и содржината на македонската држава, нација, историја, идентитет“, вели Поповска.
Таа нагласува оти цени дека протоколот не е правно валиден документ поради најмалку седум правни прекршувања.
Како прво, посочува дека не е почитувана процедурата за негово договарање, усвојување од страна на Владата и потпишување; второ не е ратификуван во македонското Собрание; трето, не е објавен во Службен весник; четврто, несоодветна е формата и содржината; петто, излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден (1) член од договор помеѓу две земји; шесто, произведува масивни штетни дејствија врз идентитетски прашања за македонскиот народ, јазик и држава и како седма причина наведува дека претставува непремостлива пречка за нормално функционирање и стратешко меѓународно позиционирање на македонската држава, со тоа што е имплицитно вграден во преговарачката рамка за евроинтеграција и експлицитно во два други документа од евроинтеграцискиот пакет.
„Важно е да се утврди официјално ништовноста на документот, а потоа да се отвори транспарентен и правно издржан процес за нов, правно валиден протокол за спроведување на Договорот за пријателство, кој ќе води сметка за достоинството и интересите на двете страни. Само таков може да се ратификува во Собранието и да произведе правни дејствија во насока на пријателство и добрососедство. Дотогаш, останува меѓународно важечки постојниот Договор за пријателство и добрососедство, кој без овој протокол не може да ги произведе овие штетни дејствија“, истакнува Поповска.






