среда, 31 декември 2025
Итражување на Брима интернешнл

Поделен свет во пресрет на 2026 година, македонските граѓани не очекуваат посериозни промени

Светот што влегува во 2026 година е длабоко поделен: растечките и земјите во развој во рамки на „Глобалниот Југ“ задржуваат релативно високо ниво на оптимизам, додека развиените западни економии — како и повозрасните генерации на граѓани низ различни региони изразуваат растечка загриженост, особено во однос на економските перспективи и глобалниот мир. Најголем дел од граѓаните во Македонија (42,7%) не очекуваат никаква промена во својот живот, сметајќи дека 2026 година ќе биде иста како и претходната. Бугарија е една од најпесимистичките земји во светот.

Објавено на

часот

Сподели

Анкетата „крајот на годината“ (End-of-Year – EOY) претставува најдолготрајната континуирана глобална студија за јавното мислење во светот и годинава открива изразено поделена глобална перспектива кај населението во пресрет на 2026 година. Спроведувана континуирано на годишно ниво од 1977 година, студијата „Крајот на годината“ ја реализира Меѓународната асоцијација „Галуп“ (Gallup International Association – GIA), светска мрежа на професионални и независни агенции за истражување на јавното мислење кои дејствуваат на сите континенти.

Како што покажуваат резултатите, светот што влегува во 2026 година е длабоко поделен: растечките и земјите во развој во рамки на „Глобалниот Југ“ задржуваат релативно високо ниво на оптимизам, додека развиените Западни економии — како и повозрасните генерации на граѓани низ различни региони изразуваат растечка загриженост, особено во однос на економските перспективи и глобалниот мир.

Надежта присутна, но нерамномерно распределена по региони

На глобално ниво, 37% од испитаниците сметаат дека 2026 година ќе биде подобра од 2025 година, додека 25% очекуваат да биде полоша, а 31% не предвидуваат значајни промени. Врз основа на овие резултати се добива нето скор за надеж од +12, што покажува дека оптимизмот и натаму преовладува над песимизмот, глобално. Во споредба со студијата „Крајот на годината“ од лани, кога 41% од испитаниците очекувале подобрување за следната година, а 24% влошување, се забележува намалување на оптимизмот во пресрет на 2026 година. Највисоко ниво на надеж и изгледи за 2026 е регистрирано во регионите на „Глобалниот Југ“, особено во арапскиот свет, Јужна Азија, Африка и Латинска Америка. Наспроти тоа, оптимизмот ослабнува во Западна и Источна Европа, каде што очекувањата за стагнација се поизразени.

Топ 5 земји со најголема надеж (нето скор за надеж)

Кенија (+67), Сирија (+61), Саудиска Арабија (+58), Јужна Африка (+52), Колумбија (+45),

5 земји со најмалку надеж

Бугарија (–36), Босна и Херцеговина (–28), Австрија (–26), Белгија (–26), Гана (–26))

Низ земјите, јасно мнозинство е со негативен нето скор кога е во прашање глобалниот мир (42 земји), што пресликува длабока загриженост за геополитичката нестабилност. Земјите се кластерираат во глобални групи според расположението.

Земајќи ги предвид надежта, економските очекувања и ставовите за глобалниот мир, земјите се групираат во различни глобални „групи на расположение“. Само мала група земји покажуваат постојан оптимизам во сите три аспекти, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Кенија, Јужна Африка, Колумбија, Пакистан и Молдавија – земји кои во голема мера се наоѓаат на Глобалниот Југ. Многу поголема група е пооптимистична за иднината, но загрижена за економијата и/или глобалната стабилност, вклучувајќи ги Индија, Аргентина, Мексико, Перу, Малезија, Филипините, Јапонија, Јужна Кореја и Соединетите Американски Држави. На другиот крај од спектарот, широка група земји – претежно во Западна и Источна Европа – се песимистички настроени во сите три индикатори, вклучувајќи ги Германија, Франција, Белгија, Холандија, Австрија, Грција, Полска, Романија и Бугарија. Конечно, мала група на земји — особено Јапонија, Јужна Кореја и Норвешка — се издвојуваат по тоа што очекуваат малку промени, наместо јасно подобрување или опаѓање, што одразува стабилност, но ограничен оптимизам.

Демографски преглед: Кои се оптимисти – а кои не

Кај возраста има силна поделба: лицата под 34 години остануваат генерално оптимисти (нето скор за надеж +28), додека лицата на возраст 55+ се со негативен нето скор во однос на надежта (–6), економијата (–29) и глобалниот мир (–30).

Пол: Разликите се минимални, мажи и жени покажуваат слични ставови во однос на надежта, економските очекувања и мирот.

Севкупно, оптимизмот е концентриран кај младите и во Глобалниот Југ, додека постарите популации во побогатите земји се најзагрижени за иднината.

Македонија и регионот

Најновото истражување на јавното мислење открива дека граѓаните на Северна Македонија влегуваат во 2026 година со изразена воздржаност и поделени ставови во однос на личната благосостојба, економијата и глобалната стабилност.

Лични очекувања: Преовладува ставот „исто како досега“.

Најголем дел од граѓаните (42,7%) не очекуваат никаква промена во својот живот, сметајќи дека 2026 година ќе биде иста како и претходната. Оптимизмот е застапен кај 28,9% од испитаниците кои веруваат во подобра година, додека 25,8% стравуваат дека 2026 ќе биде полоша за нив лично. Овие бројки посочуваат на многу тесна разлика помеѓу оние кои се надеваат на напредок и оние кои се песимисти.

Економски просперитет: Песимизмот ја засенува надежта

Кога станува збор за националната економија, ставовите се значително попесимистични: 36,1% од граѓаните очекуваат дека 2026 ќе биде година на економски потешкотии. Речиси идентичен процент (36,2%) сметаат дека економската состојба ќе остане иста. Само 23,3% веруваат дека земјата ја очекува економски просперитет. Ова укажува на фактот дека повеќе од една третина од населението стравува од економска рецесија или стагнација.

Глобална стабилност: Светот помеѓу немирот и статус-кво состојбата

Во однос на глобалната безбедност и мирот во светот, доминира мислењето дека нема да има големи промени. Дури 42% сметаат дека светот ќе остане ист како и досега. Сепак, стравот од нови конфликти е присутен, бидејќи 28% очекуваат „понемирна“ година, што е за нијанса повеќе од оние 27% кои се надеваат на помирна глобална ситуација.

Косово лидер во регионот, Бугарија најпесимистична

Соседите од регионот во пресрет на 2026 година покажуваат најголеми контрасти во светот, каде што се судираат екстремен оптимизам и длабок песимизам. Апсолутен лидер по позитивни очекувања меѓу соседите е Косово, каде високи 53% од граѓаните веруваат дека претстојната година ќе биде подобра, со што земјата бележи позитивен нето скор на надеж од +30, што е еден од највисоките резултати на европскиот континент. Слични позитивни трендови се забележуваат и во Албанија, која традиционално го следи овој блок на оптимистички нации. Спротивно на нив, останатиот дел од соседството тоне во негативни предвидувања, предводен од Бугарија, која со негативен нето скор од -36 е една од најпесимистичките земји во светот. Дури 51% од бугарските граѓани очекуваат полоша година, додека само 15% се надеваат на напредок. Слична е состојбата и кај останатите соседи од регионот каде што песимизмот преовладува над надежта. Грција бележи негативен нето скор од -23, при што 45% од испитаниците се подготвуваат за потешка година во споредба со изминатата. Србија и Хрватска исто така се наоѓаат во негативната зона со нето скор од -11 и -9 соодветно. Во Србија, 38% од граѓаните предвидуваат полоша 2026 година, додека во Хрватска тој процент изнесува 36%. Кај овие земји доминира чувството на несигурност, а најголемиот дел од граѓаните сметаат дека нивните економии ќе се соочат со нови потешкотии. Овие податоци јасно ги дефинираат соседите од регионот како група на две крајности, каде што јазот помеѓу надежта во Косово и песимизмот во Бугарија и Грција е меѓу најголемите забележани во глобалното истражување „Крајот на годината“.

Методологија – големина на примерок и тереска работа

Големина на примерок и начин на работа на терен: Истражувањето опфати 59.636 возрасни лица на возраст над 18 години во 60 земји низ целиот свет. Во секоја земја беа интервјуирани вообичаено околу 1.000 испитаници во периодот помеѓу октомври и декември 2025 година. Од 60-те анкетирани земји, 56 применија национален примерок, додека 4 интервјуираа само урбано население. Во однос на големината на примерокот, 10 земји имаа примерок под 1.000, 24 земји имаа примерок од 1.000, а 26 земји имаа примерок што надминува 1.000 испитаници. Што се однесува до начините на анкетирање, 10 земји користеа CATI (компјутерски поддржано телефонско интервјуирање), 38 земји користеа CAWI (компјутерски поддржано вебинтервјуирање), а 12 земји спроведоа интервјуа лице в лице. Во однос на методите на земање примерок, 2 земји користеа неверојатносен примерок, 33 земји користеа квотен примерок, а 25 земји применија случаен веројатносен примерок.

Во Македонија ова истражување традиционално го спроведе БРИМА – национално репрезентативен примерок со 1.203 испитаници на возраст од 15+ години, теренска анкета лице-в-лице во домот на испитаникот, во период од 14 ноември до 3 декември со TAPI (Tablet Assisted Personal Interviewing) метода. БРИМА е основана 1992 година како прва независна истражувачка агенција во Република Македонија. Во 2002 година, на годишната конференција на Gallup International во Јоханесбург, Јужна Африка, БРИМА беше примена како нејзин македонски член. БРИМА е активен член на Галуп интернејшенел асоцијацијата.

Студијата од оваа година на „Крајот на годината“ опфаќа 60 држави и се заснова на интервјуа со 59.636 возрасни испитаници, што го прави едно од најсеопфатните меѓународно координирани истражувања на јавното мислење во светот. Карактеристична одлика на оваа студија е нејзината реализација во рамки на исклучително краток и синхронизиран временски период на анкетирање и прибирање податоци, со што се овозможува истовремено пресликување на јавното мислење во различни политички, економски и културни контексти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ