„Да, работиме, практично со агенцијата ‘Инова’, за овозможување и обезбедување грантови за компаниите, особено во делот на енергетската трансформација. Имав и во Давос едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се согласија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија, која ѝ е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина.
Според него, процесот треба да се одвива чекор по чекор, затоа што, како што истакна, секоја избрзана постапка може да направи штета и за индустријата, и за државата.
„Но колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и набргу ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по увидот во инфраструктурните проекти во Гази Баба.






