Како што соопшти Институтот, оваа година на Отворените денови ќе бидат одбележани јубилејните 80 години македонска азбука и македонски правопис, како и неколку годишнини од раѓања на македонски лингвисти: 100 години од раѓањето на Трајко Стаматоски, 105 – Божидар Видоески, 80 – Зденка Рибарова и 60 години од раѓањето на Убавка Гајдова.
На свеченото отворање поздравно обраќање ќе имаат: Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Светлана Пинева, државен советник во Министерството за образование и наука, Менче Андреева, директорка на Инспекторатот за употреба на македонскиот јазик, и Симона Груевска-Маџоска, претседателка на Советот за македонски јазик.
Ќе бидат промовирани најновите изданија на институтот и ќе биде поставена изложбата „Цвеќе на мирот“ од Живко Поповски-Цветин.
Во рамки на Отворените денови, на 12 и 13 ноември ќе се одржи 10-та Меѓународна научна конференција, годинава на тема: „Mакедонскиот јазик – извор на научни истражувања“.
Отворените денови ќе завршат в петок, 14 ноември, со тркалезна маса со наставници по македонски јазик од училиштата во Кавадарци. На тркалезната маса ќе се дискутира за Правописот на македонскиот јазик.






