Како што претходно извести Основниот кривичен суд Скопје, обвинението поднесено првично од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани па со решение на државниот јавен обвинител, доделен во надлежност на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, беше одобрен во целост. Согласно АКМИС – системот, овој судски случај ќе ги води судијата Диана Груевска Илиевска.
Покрај судиите кои се иззема од постапување пред оцена на обвинението, дополнително и судиите Тамара Витларова – Смилевска и Илина Смичковска – Илиевска се изземаа од постапување по предметот заради исполнување на законските одредби односно лично познанство со дел од оштетените.
Како втор член на судечкиот совет, кој ќе постапува по предметот, согласно измените на годишниот распоред за постапување на судиите, ќе постапува судијата Ахмед Идризи.
Од судот велат дека дополнително, заради ефикасно и економично постапување, определени се повеќе термини за главна расправа, 25 и 26 ноември, 2, 4, 10 и 11 декември, а по отпочнување на расправата ќе се усогласат и дополнителни термини. Поканите до странките се веќе во фаза на достава.
„Со оглед на бројот на обвинети и интересот кај медиумите, како суд укажуваме на сите учесници во постапката да бидат присутни во судницата најмалку еден час пред закажаниот термин, заради неопходните безбедносни процедури како и навремено отпочнување со расправата, а сите акредитирани медиуми навреме да ги обезбедат неопходните дозволи за снимање и фотографирање од Врховниот суд“, велат од Кривичниот суд.






