Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, директната комуникација со земјоделците е од големо значење.
„Ресорот земјоделство неминовно мора да има постојана и директна комуникација со земјоделците. Тоа значи разговор за актуелните состојби и реалните предизвици со кои тие се соочуваат“, истакна министерот синоќа во телевизиско интервју.
Во рамките на кампањата формирани се два големи тима, кои ќе посетат над 30 општини, како и шест помали, кои ќе опфатат повеќе од 120 населени места. Средбите ќе се организираат секои петок, среда и сабота, во зависност од типот на тимовите.
На прес-конференција во неделата министерот најави дека во малите тимови ќе учествуваат директорите на клучните институции – Даниела Иротова од Платежната агенција, Филип Филиповски од АД „Водостопанство“, Васе Анакиев од Државниот инспекторат за земјоделство, Оливер Миланов од Агенцијата за храна и ветеринарство, Здравко Трајанов од ЈП „Национални шуми“. Еден од тимовите ќе предводи министерот појаснувајќи дека во активностите ќе се вклучат и другите директори од секторот, како и локалните структури на Министерството.
Целта, според него, е да се слушнат предизвиците и идеите на земјоделците. На средбите ќе се разговара за тековните проблеми со кои се соочуваат земјоделците, нивните предлози за унапредување на производството, како и за спроведените мерки и политики во изминатите две години. Земјоделците имаат суштинска улога за државата и тие, нагласи Трипуновски, не се само производители, туку двигатели на руралниот развој, чувари на традицијата и клучен фактор за стабилност на домашниот пазар.
Министерот упати повик до земјоделците активно да се вклучат во кампањата нагласувајќи дека најдоброто од Македонија доаѓа токму од македонските ниви и вредните раце на нашите чесни, работливи земјоделци.
МИА






