На свечената академија најавено е обраќање на претседателката во 18:30 часот.
Во рамки на чествувањето на празникот утре со почеток во 11:30 часот, делегации од Кабинетот на Претседателот, Собранието, Владата, Генералштабот на Армијата, МПЦ-ОА, како и претставници на институциите, дипломатскиот кор и на политичките партии ќе положат цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски во дворот на НУБ „Св. Климент Охридски“.
Празникот Св. Климент Охридски е прогласен за државен празник во земјава.
Свети Климент Охридски e еден од првите средновековни словенски светци, научник, писател и просветител на Словените. Бил еден од најистакнатите ученици на Кирил и Методиј, кои заедно се поврзуваат со создавање на глаголското и кириличното писмо. Тој бил основач на Охридската книжевна школа или попозната како „Прв словенски универзитет“, од кој излегле 3.500 ученици. Тој се смета за прв eпископ словенски со титула eпископ велички.
Денес Свети Климент Охридски се почитува како заштитник на Македонија, градот Охрид и Македонската православна црква.






