петок, 6 февруари 2026

Почнаа „Отворените денови“ во Собранието

Во 2025 година, Собранието го посетиле 11 328 посетители, што е досега најголем број посетители по воведување на можноста за организирани посети во 2014 година. Бројот на организирани посети е 239, а најголем дел од нив биле реализирани во месец мај, информира собраниската прес служба.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информира собраниската прес-служба, организираните посети се реализирани со ученици, студенти, граѓански организации, странски делегации, како и самостојно организирани групи на граѓани.

Собранието ги продолжува организираните посети и во 2026 година, а од денеска, најавува, почнуваат „Отворените денови“ кои ќе се одржуваат секој петок, со цел граѓаните редовно да имаат можност за посета и запознавање со работата на Законодавниот дом.

„Собранието и во 2025 година ги отвори своите врати за организирани посети и едукативни тури и продолжи да им овозможува на граѓаните одблизу да се запознаат со просториите и работата на законодавниот дом. Организираните тури се наменети за ученици, студенти, граѓански организации и други заинтересирани групи и вклучуваат едночасовна обиколка со водич низ просториите на Собранието, запознавање со неговата историја, надлежности, начин на функционирање и значењето на самата институција“, се наведува во соопштението.

Обиколките бележат високи оцени на евалуациските прашалници – посетителите позитивно ја оценуваат програмата и споделените информации, односот на водичот и посетата во целост.

Како највпечатлива просторија меѓу посетителите најчесто се издвојува Охридската сала, уредена со резба со народни мотиви, која се користи од страна на претседателот на Собранието за состаноци со координаторите на пратеничките групи, протоколарни активности, потпишување на изјави и други настани.

„Организираните обиколки опфаќаат посета и на Пленарната сала, сала „Борис Трајковски“, сала „Длаборез“ (како дел од Кабинетот на претседателот), Кристална сала, Сала на Уставната комисија и други простории на Собраниската зграда. Собранието и Парламентарниот институт ги повикуваат сите заинтересирани граѓани, училишта, факултети и организации да ја искористат можноста за посета и да го доживеат Собранието одвнатре“, наведува собраниската прес-служба.

Информации за пријавување и организација на посетите се достапни на веб-страницата на Собранието.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ