четврток, 19 февруари 2026

Почна Рамазанскиот пост, завршува на 20 март

Верниците од исламска вероисповед рано изутринава го почнаа Рамазанскиот пост, што трае 29 дена и завршува на 20 март. За време на постот верниците од изгрејсонце до зајдисонце се воздржуваат од јадење и пиење.

Објавено на

часот

Сподели

Според исламската религија, Рамазан е месец кога првите стихови од Куранот му биле откриени на пророкот Мухамед пред повеќе од 1.400 години. Постот, кој е еден од исламските столбови е задолжителен за сите верници за нивно физичко и духовно прочистување. Верниците мора да се воздржуваат од лоши зборови и дела со цел општо човечко прочистување. Постењето е верска обврска за секој полнолетен, здрав муслимански верник, но не е обврзувачко за болните, бремените жени и работниците кои вршат тешка физичка работа.

По рамазанскиот пост, на 20 март е Рамазан Бајрам, кој се чествува три дена. Тогаш целото семејство се собира на празнична трпеза, а се посетуват роднините и пријателите. Рамазан е деветтиот месец во Исламскиот календар.

Првиот ден од Рамазан Бајрам е државен празник и 20 март (петок) ќе биде неработен ден за сите граѓани.

Во пресрет на Рамазанскиот пост, поглаварот на Исламската верска заедница, реисул-улема Х. Хфз. Шаќир ефенди Фетаи испрати порака во која истакна дека Рамазан е месец во кој срцата стануваат почувствителни, совеста поостра, а врската со Аллах подлабока.

„Рамазан доаѓа како повик кон внатрешен мир и кон преуредување на нашиот живот околу она што е суштинско. Целта на постот е богобојазливоста. Богобојазливоста е постојана свесност за Алах која го насочува човекот во мислата, зборот и делото. Таа е морална совест која го одржува човекот исправен и кога е сам, и одговорен и кога никој не го гледа. Рамазан е школа на дисциплина и карактер. Кога се воздржуваме од храна и пијалак – нешта што се дозволени – ја воспитуваме нашата волја и ја зацврстуваме самоконтролата, за да можеме да се воздржиме и од забранетото. Оваа самоконтрола мора да се прошири и надвор од физичкиот аспект. Таа треба да го опфати нашиот јазик, однесување и меѓучовечки односи“, вели тој во пораката.

Фетаи посочува дека во овој месец не е доволно верниците да се одалечат само од храната, туку треба да се одалечат и од раздор, клевета и горделивост.

„Постот има за цел трансформација на карактерот. Не е доволно да пости со стомакот, треба да замолчи и злото во нас. Не е доволно да се оддалечиме од храната, треба да се оддалечиме од раздор, клевета и горделивост. Преку постот учиме благодарност за благодатите што често ги земаме здраво за готово, стануваме почувствителни кон состојбата на оние што се во потреба и ја зајакнуваме меѓусебната одговорност. Дарежливоста, милоста и помошта кон оние што имаат потреба се конкретен израз на верата и на постот“, вели поглаварот на ИВЗ.

Во пораката порачува овој Рамазан да биде месец на прочистување на срцата, зацврстување на верата и морално издигнување за секој од нас.

„Да го започнеме овој Рамазан со решителност за вистинска промена. Да го искористиме овој месец за помирување со Аллах преку искрено покајание и за помирување меѓу нас преку простување и разбирање. Искреноста нека биде темел на секое дело, а одговорноста критериум на секоја одлука. Го молиме Возвишениот Алах овој Рамазан да биде месец на прочистување на срцата, зацврстување на верата и морално издигнување за секој од нас. Нашите срца да се ослободат од секој непотребен товар. Нашите семејства да се исполнат со мир и разбирање. Нашата заедница да се зацврсти во единство и институционална одговорност. Нашата татковина да биде благословена со мир, правда и стабилност. По повод почетокот на благословениот месец Рамазан, имам чест и задоволство, во име на Исламската верска заедница на Република Северна Македонија и сите нејзини институции, како и во мое лично име, од срце да им посакам на нашите верници во татковината и во дијаспората благословен Рамазан, лесен и прифатен пост, и месец што ќе остави длабоки траги во нашата душа, карактер и живот, приближувајќи нè повеќе кон Алах и обединувајќи нè посилно во добрина, правда и одговорност. Нека ни е за добрина доаѓањето на месецот Рамазан. Аллах нека ве благослови“, вели во пораката поглаварот на ИВЗ, Фетаи.

MИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ