Беа разгледани, но не добија поддршка неколку амандмани поднесени од опзициските пратеници. Пратеникот Сали Мурати од Европскот фронт, побара да се обезбедат 11.760.000 денари за нови вработувања на турската заедница кај Народниот правобранител, како и 28.560.000 денари за зголемување на застапеноста на припадниците на заедниците во клучни државни институции, 13 милиони денари за набавка на противпожарно возило во општина Дебар. Поддршка не добија и амандманите од пратениците од СДСМ да се обезбедат средства за поддршка на граѓанските организиции кои работат со заедниците, како и за субвенцонирање на батерии за фотоволтаици на покриви на домаќинствата.
Во претпладневната расправа беше отфрлен амандманот од пратениците од СДСМ за одредување средства од буџетот за повредените во пожарот во Кочани, за кој заменик министерот за финасии Николче Јанкуловски оцени дека е за политички поени. Јанкуловски образложи дека не го прифаќа, затоа што има системски решенија и фондови преку кои како Влада секојдневно помагаат.
И пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска, нагласи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ спроведува координирана акција за помош и има јасен план за долгорочна поддршка на повредените и семејствата на загинатите.
Стојаноска повика на воздржаност и да се дозволи на актуелната власт да ги преземе сите надлежности.
„Како пратеници треба да внимаваме да не повредиме уште некоја душа, да не споменуваме работи и имиња кои не се за споменување и да оставиме на сегашната актуелна власт да ги преземе сите надлежности и механизми. Времето е премногу скоро после трагедијата за да се расправаме ние тука кој повеќе се грижи за семејствата. Немојте да не ја запазуваме суштината. Голема е пораката и значењето да бидеме вистински пријатели на Кочани и да помогнеме, а не да одмогнеме“, рече Стојановска.
За ребалансот на буџетот се доставени 200 амандмани, од кои 160 од опозициската СДСМ.
Вкупните приходи со ребаланост се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а расходите на износ од 403,7 милијарди денари, по еден процент (околу 3,5 милијарди денари) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за годинава. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 2,8 проценти. Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП. Капиталните расходи, пак, на износ од 47,5 милијарди денари. Државниот долг на крајот на 2025 година според проекциите на Владата ќе изнесува 53,3 проценти од БДП, а јавниот долг се очекува да биде на нивото од 62,1 процент.
Амандманската расправа за ребалансот на буџетот продлжува утре во 11.30 часот.






