Од дворот на манастирот Св. Василиј Велики на Пониква тие упатија порака и барање за простување што не успеале да им помогнат и да ги спасат од огнот.
„Ние сме децата што преживеавме една ноќ што никогаш нема да ја заборавиме. Ноќта кога небото се замрачи и срцата ни се распаднаа. Ноќта кога изгубивме 62 наши браќа и сестри, другари, пријатели, делови од нашите души. Денес не стоиме овде како жртви, туку како сведоци. Сведоци на една болка што не поминува, но и на една љубов што никогаш нема да згасне. За вас, нашите ангели – ви праќаме опрост. Опрост што не можевме да ве спасиме. Опрост што продолживме да живееме, додека вие останавте млади засекогаш“, истакнаа во пораката повредените во „Пулс“.