Владимир Блажев – Панчо се лекуваше во приватната болница Систина во Скопје, од каде што утрово изразија жалење и сочувство до семејството на Панчо.
„Длабоко сочувствуваме со семејството на Панчо, неговите најблиски, како и со целата македонска јавност, бидејќи загубата е огромна за сите нас. Почитувајќи ја приватноста на секој наш пациент и согласно Законот за заштита на правата на пациентите, не споделуваме информации за пациентите“, изјавија од Систина.
Панчо имаше изгореници и повреди на дишните патишта. Иако првично беше објавено дека е надвор од животна опасност, сепак Панчо не успеа да ја добие најважната животна битка.
Од Јавното обвинителство ја потврдија веста и информираа дека е дадена наредба за обдукција на телото на Блажев.
„Информацијата дека Блажев починал е точна. Јавното обвинителство ќе издаде наредба за обдукција на лицето за кое постапката беше времено прекината токму заради здравствената состојба“, изјавија од Јавното обвинителство.
Обвинителството претходно поведе истрага против Панчо, но поради здравствената состојба, истрагата времено беше запрена.
Освен Панчо од групата ДНК загинаа и пејачот Андреј Ѓорѓијески, како и членовите на бендот, клавијатуристот Филип Стевановски, пратечкиот вокал Сара Пројковска, тапанарите Георги Георгиев и Александар Коларов, тонецот Игор Велков, бит-боксерот Мартин Атанасовски – Буцо како и фотографот на групата Александар Ефремов.
Во пожарот во дискотеката Пулс во Кочани животот го загубија 63 луѓе, а околу 200 беа повредени.






