понеделник, 14 јули 2025
Жална вест

Почина новинарот Владимир Лапе

По кусо боледување почина познатиот и долгогодишен новинар Владимир Лапе, еден од доајените на македонското телевизиско новинарство, новинар кој беше исклучителен познавач на надворешната политика.

Објавено на

часот

Сподели

Целиот свој работен век Лапе го мина во новинарството, професија која ја одбра уште како студент на Правниот факултет во Скопје во шеесетите години на минатиот век. Најнапред работеше во тогашното Радио Скопје во редакцијата Млади за млади. Кон крајот на шеесетите години тој е еден од основачите на неделникот Фокус, каде е и еден од уредниците во периодот кога овој неделник е носител на прогресивни идеи и критички текстови поради кои таа редакција се најде под будното око на власта.

Во Македонската телевизија, тогашна Телевизија Скопје, Владимир Лапе започнува со работа во 1970 година, каде ги поминува сите скалила во Надворешно – политичката рубрика, новинар, новинар известувач, новинар коментатор, уредник и главен и одговорен уредник на програмата, како и водител на централниот дневник на Телевизија Скопје.

Во текот на долгогодишната кариера известувал за сите позначајни политички и особено надворешно политички настани, како и за настаните кои биле од особено значење како за Македонија во рамките на тогашна Југославија, како и по прогласувањето на независноста, вклучувајќи го и известувањето од приемот на Македонија во Обединетите нации во април 1993 година.

Повозрасните гледачи паметат дека Лапе известувал и од големи светски настани од сите континенти, но паметат и дека во фокусот на неговите новинарски извештаи беше и состојбата со правата на Македонците во соседните земји. Лапе објавувал текстови и во повеќе медиуми, а  неговите анализи за клучни настани во земјава беа објавувани и во странски медиуми.

Владимир Лапе е роден во 1946 година во Скопје. Погребот ќе се изврши утре, 18 јуни, во 13 часот на Градските гробишта Бутел, капела во 12 часот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ