„Во атмосфера на манастирско спокојство, Стајиќ, ја изрази својата длабока почит кон културното наследство и евангелските вредности на мир, единство и соживот што го негува манастирот, а ја истакна и својата желба за поддршка на благородната иницијатива за дарување на камбани во Бигорскиот метох – манастирот на Свети Георгиј Победоносец во село Рајчица“, информираше отец Кирил, кој го придружувал конзулот за време на неговата вчерашна посетата.
Додава дека всушност, станува збор за надополнување на стариот кралски сет на манастирски ѕвона, од кои едно ѕвоно (лиено во Австрија 1850 г.) му било подарено на Бигорски од српските кнезови Петар и Андреј Караѓорѓевиќ, за здравје и благослов на нивното кнежевско семејство, заедно со сестрите Клеопатра и Елена; второто ѕвоно било подарено од христијаните од дебарското окружие (лиено исто така во Австрија 1851 г.); и големото ѕвоно од сетот, подарено од владетелот на Кралството на СХС, Александар I Караѓорѓевиќ со својата сопруга Марија и синот Петар со неговата сопруга Зорка (лиено во Белград 1925 г.).
Конзулот ветил дека во знак огромната почит кон свештената бигорската обител ќе биде дарител на најголемото ѕвоно за манастирот во село Рајчица.
„Најголемото ѕвоно, ќе биде подарено од господинот Стајиќ. Збогатувањето на овој стар сет на манастирски камбани ќе претставува историско и значајно дело, како и благослов за светињата и за семејството на дарителот, со ќерка му Ангела“, посочи отецот.
Оценува дека посетата на Стајиќ во Бигорски покажува дека православната духовност и култура се универзални вредности кои ги обединуваат луѓето.






