Обвинетите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, а потоа почна читањето на списокот на докази кои беа подготвени од oбвинителството. Со оглед на тоа дека и Обвинителството и одбраната на обвинетите предложија повикување и сослушување на вешти лица, беше закажано продолжување на главната расправа за 10 декември.
Судијата Елведин Ферати воедно определи термини за уште две рочишта, едното за 30 декември, а другото за 20 јануари 2026 година.
Обвинети се Сејди Шасивари, сопственик и управител на обвинетото правно лице од Тетово, Урбан план констракшн; Хаки Фазлиу, тогашен директор на Националната установа – Центар за култура „Иљо Антески-Смок“ – Тетово; Артан Арслани претседател на Комисијата за јавни набавки, а потоа и в.д. директор на Центарот за култура, како и Бајрам Муча, како главен надзорен инженер во правно лице ангажирано како надзорен орган при спроведување на договорот за јавна набавка од 2015 – 2020 година.
Според Обвинителството, првообвинетиот Шасивари и второобвинетото правно лице сториле продолжено кривично дело – „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ од чл. 275-в од Кривичниот законик. Обвинетите Фазлиу и Арслани сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, додека обвинетиот Муча сторил продолжено кривично дело – „несовесно работење во службата“.
Почетокот на судскиот процес беше закажан прв пат на 14 јули и оттогаш се одложуваше за 17 септември, 8 октомври и 25 ноември.






