петок, 19 декември 2025

По Струмица и Кичево, денеска и во Скопје е опасно да се дише

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информира дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри – ПМ10 (надминување на вредноста од 150 милиграми на метар кубен во текот на два последователни денови) е надминат на мерните места во Скопје – Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат. Скопје денеска повторно се најде високо на листите на најзагадени градови во светот. Според IQAir индексот од мерните станици на воздухот се сместува во категорија на „нездрав“ до „екстремно нездрав“ по здравјето на луѓето. МЖСПП вчера информираше дека Кичево и Струмица се најзагадени градови и издаде мерки за дејствување.

Објавено на

часот

Сподели

Од МЖСПП велат дека податоците и препораките што се издаваат се дефиниран во Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови  на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели.

Во табелата се прикажани среднодневните концентрации на PM10 на мернoто место и деновите  каде има појава на надминување на праг на алармирање.

ЦентарГази БабаКарпошЛисичеРекторат
17/12/2025151.78156.55152.232.26179.25
18/12/2025186.49178.92180.87266.60186.70

*концентрациите се изразени во мг/м3

Затоа, од МЖСПП се издадени следните мерки, да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-интегрирана еколошка дозвола, да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на инсталациите со Б-интегрирани еколошки дозволи и елаборати, нсталациите со континуиран мониторинг да овозможат јавен пристап на измерените податоци, да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрирани возила, да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата, забрана на горење на отворено.

„Им се препорачува на сите работодавци да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Исто така им се препорачува да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот. Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено“, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Скопје денеска повторно се најде високо на листите на најзагадени градови во светот откако беше измерен Индексот на квалитет на воздухот кој изнесуваше над 115 US, покажуваат податоците од мерните станици што ги собира IQAir. Според индексот од мерните станици воздухот се сместува во категорија на „нездрав“ до „екстремно нездрав“ по здравјето на луѓето.

Скопје денеска четврт најзагаден град во Европа, а деветти во светот, со концентрации на фините честички PM2.5, кои значително ја надминуваат препорачаната безбедна граница и се особено штетни за најранливите категории како деца, постари лица и лица со респираторни или кардиоваскуларни заболувања.

Според IQAir, вредностите утрово покажуваат дека воздухот во Скопје е „нездрав за чувствителни групи“, со концентрации на PM2.5 од околу 40,7 милимграми на метар кубен, што е значително над препорачаните годишни гранични вредности на Светската здравствена организација (СЗО). Овие честички се толку мали што можат да продрат длабоко во белите дробови и да навлезат во крвотокот, со сериозни последици за здравјето.

МЖСПП вчера информираше дека Кичево и Струмица се најзагадени градови и издаде мерки за дејствување.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ