Ахмети го нагласува континуираното залагање на ДУИ за целосна имплементација на Охридскиот договор, изградбата на демократска и мултиетничка држава, како и евроатлантската интеграција на земјата. Тој изразува загриженост за најновите политички случувања што ги засегаат овие достигнувања, вклучително и укинувањето на механизмот на балансер за правична и соодветна застапеност на заедниците, предизвиците во функционирањето на институциите што го спроведуваат Законот за употреба на јазиците и иницијативите за негово поткопување и оспорување пред Уставниот суд на Македонија.
Претседателот на ДУИ бара континуиран ангажман и поддршка од меѓународните партнери за зачувување на достигнувањата од Охридскиот договор, зајакнување на стабилноста и унапредување на евроатлантската перспектива на Македонија.
Отвореното писмо е адресирано до сите амбасадори на земјите-членки на Европската Унија акредитирани во земјата, како и до шефови на држави, премиери и поранешни лидери – претседателот на САД Доналд Трамп, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер, претседателот на Франција Емануел Макрон, канцеларот на Германија Фридрих Мерц, премиерката на Италија Џорџа Мелони, поранешниот претседател на САД, Џорџ Буш.
Писмото е испратено и до други актуелни и поранешни функционери, претставници на меѓународни организации и дипломати.