сабота, 7 февруари 2026

По 15 години неизвесност, продаден прилепски „Еурокомпозит“ – почнува реорганизација на наменската фабрика

За 4.200.000 евра се продаде прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит“, кој е и последен на листата на загубари во земјава.

Објавено на

часот

Сподели

Како инвеститори се јавија полска фирма „FHR ARMORL LOGISTIKS Sp z.o.o.  и македонска компанија, „Футура мода Д&А ДООЕЛ – Скопје“.

„Еурокомпозит“ со неизвесна судбина беше 15-тина години, а од 2021 година во стечај.

Стечајната судијка во прилепскиот суд, Јасмина Шишковска го прифати нивниот план за реорганизација на „Еурокомпозит“ со што конечно е продадена наменската фабрика. Првата рата доверителите веќе ја добија.

„Сумата од 4 милиони и 200.000 евра е всушност 65 проценти од вкупните побарувања на доверителите. Тие се согласија со понудената сума и со планот за реорганизација на фабриката. Инвеститорот парите ќе ги уплаќа на 4 рати на крајот на секоја наредна година. Првата рата од еден милион евра веќе им е исплатена на доверителите кон крајот на декември. До целосно исплаќање на парите, новите инвеститори се корисници, а тогаш ќе бидат и целосни сопственици на фабриката“, објаснува стечајната судијка Шишковска.

Меѓу доверителите се Стопанска банка од Битола како најголем доверител, зашто имотот беше под хипотека во банката, потоа УЈП, МВР, Министерството за одбрана, а доверители се и поранешните вработени ,кон кои фабриката имаше недоисплатени обврски.

„Според мене, малку се 65-те проценти што ни ги исплатија, но бевме ставени во ситуација ‘земи или остави’. Ако не го прифатевме овој договор што ни го нудеа, ни се закануваа со ликвидација, а тогаш – се знае, немаше ниту денар да земеме. И, по толку време и години голгота, повеќето од луѓето прифатија, зашто немаше друг излез. Една рата ни исплатија веднаш кога го потшишаа договорот и сега во наредниве три години (крајот на 2026, 2027 и 2028година) треба да ги добиеме уште трите рати. Само лошо е што дел од адвокатите бараат исплата одеднаш за сите услуги, а немаше многу што тие сработија“, вели Цветан Бунтески, поранешен вработен и доверител.

Според планот, ќе се ангажираат од 150 до 200 работници. Веќе се преземени и првите чекори со промени на инсталации во Фабриката.

Поранешните вработени се малку скептични, но ќе се чека на рестартирањето.

„Фабриката не е баш во многу добра состојба сега. Откако отиде во стечај многу работи, велат, ги нема. Наводно, новите сопственици почнале да ја менуваат инсталацијата на водата, струјата, има веќе и ангажирани наши поранешни вработени. Неофицијално се говори дека ќе се произведуваат панцири, шлемови, а и дронови. Но, времето ќе покаже како ќе се одвиваат работите и како конечно ќе заживее овој некогашен гигант во наменската индустрија, единствен во Македонија“, вели поранешниот вработен во „Еурокомпозит“, Цветан Бунтески.

Според поранешните вработени, на судските рочишта се појавувале само претставниците на полската, но не и на македонската фирма.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ