Организаторите истакнаа дека 8 Март не е ден за симболични гестови и излитени фрази, туку за феминистичка борба за слобода, солидарност и автономија. Тие потсетија дека жената не е безбедна ниту дома, ниту на улица, дека нема повеќе од 20 минути пауза во фабрика, ниту слободен ден во маркет, а споделеното родителско отсуство често не е опција. Воедно, нагласија дека на работа редовно се соочуваат со сексуално вознемирување, мобинг и сексизам.
„Овој 8 Март е време да му се спротивставиме на силеџиството на овој систем и да ги сопреме неговите запчаници барем на еден ден. Сакаме да ги потсетиме институциите и јавноста дека повеќе нема да ги молиме полицијата и обвинителството да постапуваат навремено, туку будно повикуваме на вистинска заштита и поддршка за жртвите на родово базирано насилство и ќе продолжиме да се бориме за правда за сите жени кои го загубија животот поради системска негрижа и фемициди“, посочија тие.

Маршот, исто така, повика на вклученост на жените во урбанистичкото планирање, крај на експлоатацијата и работната дискриминација, како и на отворен и еднаков пристап до образование и кариерни можности без репродуцирање на штетни стереотипи и предрасуди.
„Сакаме отворен и еднаков пристап до образование и кариерни можности без репродуцирање на штетни стереотипи и предрасуди. Нема да дозволиме бришење на родовата еднаквост од нашето образование. Поголем баланс помеѓу професионалниот живот и приватниот живот, за поголема достапност на јавни услуги за рана грижа и образование и можноста за споделено родителско отсуство. Одговорно и сензитивно родово известување во медиумите но и заштита на новинарките. Наместо да предизвикуваат сензационализам, медиумите треба да го осудуваат насилството и да ги заштитат жртвите“, порачаа тие.
Меѓународниот ден на жената е глобален празник кој се одбележува секоја година на 8 март. Овој ден е посветен на признавање на социјалните, економски, културни и политичките достигнувања на жените ширум светот. Исто така, служи како повик за акција за забрзување на родовата еднаквост.

По повод 8 Март во кампот на градежниот конзорциум Бехтел Енка близу Гостивар се одржа панел-дискусија под мотото „Забрзување на акцијата: поттикнување промена во родовата еднаквост – Жени во градежништвото: можности и предизвици“.
Покрај вработените, учествуваа и заменичките министерки за транспорт и врски Калтрина Зеколи Шаќири и за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска и асистентакта од Градежниот факултет д-р Марија Доцевска.
Панелистите зборуваа за важноста од зајакнување на позициите на жените во општеството и промовирање на родовата еднаквост и поттикнување на жените да се приклучат на инженерската и градежна професија.
„Жените сè уште се борат да го заземат вистинското место во оваа „машка“ индустрија и се надевам со нашето учество и пораките ќе ги поттикнеме жените градежници тоа и го постигнат“, рече заменик министерката Лашкоска.
Заменик министерката за транспорт и врски Зеколи Шаќири посочи дека денес било убава можност и повод да се зборува за родовата еднаквост и дека е неопходно да се поттикнат жените за нивно поголемо вклучување во сите пори на општеството, па така и во градежништвото.
„Денес сум во улога на мајка, универзитетска професорка, заменик министер за транспорт, но и активистка за правата на жените. Знаеме дека патот на жените е подолг, особено во овие професии во доминираат мажи. Затоа сме денес овде, покрај дискусијата, да сензибилизираме и зајакнати да ја спроведеме мисијата. Да им понудиме на жените порамноправна позиција во нашето општество“, рече Зеколи Шаќири.

Robert ATANASOVSKI / AFP
Во проектот за изградбата на коридорите 8 и 10д преку конзорциумот Бехтел Енка вклучени се 90 жени, а од петте работни едници, три ги раководат жени, овие податоци ги кажа проект менаџерот Џошуа Т. Бејкер. Според менаџерот на проектот на најголемото градилиште во земјава, ангажирани е околу 1.600 луѓе од кои 90 се жени кои работат на широк спектар различни работни позиции, рече Бејкер и нагласи дека вложуваат напори да се зголеми процентот на вклученоста на жените.






