Од Платформата велат дека се свесни дека семејното насилство е доста комплексен општествен проблем што бара делување во повеќе приоритетни области и координација на различни институции и поединци и затоа потенцираат дека имало и примери на навремено и професионално постапување, но тие случаи повеќе се исклучок, а не правило.
„Практиките не се воедначени на ниво на цела држава, слаба е соработката помеѓу институциите која често се сведува на ад-хок комуникација, а отсуствува и континуитет во примената“, велат од Платформата.
Оттаму дополнуваат дека последните случаи со фатални последици по жртвите и нивните блиски, во Велес, Шуто Оризари и Скопје, како и фактот дека во последните години секој ден во полиција се пријавуваат повеќе од 15 случаи на семејно насилство, мора да бидат аларм за суштинска промена на пристапот на државата кон овој сериозен општествен проблем.
„Апелираме до Владата и Собранието претстојното усвојување на Национална стратегија за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство 2026-2033 да го искористат како почетна основа за оваа промена и фактичко подобрување на состојбите. Бараме Владата да го утврди како приоритет соодветното планирање и распределбата на потребните буџетски средства за доследно спроведување на првиот акционен план 2026-2029 година, со јасно утврдено и прогресивно годишно зголемување на наменските средства за превенција и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, од страна на Владата, надлежните министерства и ЕЛС“, велат од Платформата.
Дополнително, апелираат буџетските средства приоритетно да се насочат кон клучните компоненти што обезбедуваат навремена и ефективна заштита и поддршка на жртвите односно обезбедување на сите потребни ресурси за јакнење на капацитетите на ЦСР и полицијата, интензивирање на превенцијата на насилството, постепено вклучување на сите практичари во процес на задолжителна почетна и континуирана едукација како и проширување на мрежата на услуги за жртвите на национално ниво, преку прогресивно зголемување на поддршката за граѓанските организации.
Од Платформата уште бараат системско решавање на егзистенцијалните проблеми на жените што претрпеле семејно насилство, преку обезбедување на: финансиска поддршка во периодот на транзиција 12 месеци по напуштањето на насилната заедница; бесплатна секундарна правна помош во сите постапки; здравствени услуги; долгорочно домување.
„Последните трагични случаи мора конечно да бидат пресвртница, државата да премине од декларативни мерки кон реална, координирана и финансирана заштита на жените и децата. Како граѓански организации со долгогодишно искуство во оваа област, стоиме на располагање за суштински придонес во креирањето и практичната примена на мерките што ќе ја направат оваа промена возможна“, велат од Платформата.






