вторник, 1 април 2025

Платформата за борба против корупција: Корупцијата е закана за животот и безбедноста на граѓаните

Транспарентна истрага за пожарот во Кочани, реформа на казнена политика, одговорност на институциите, компаниите, теренски проверки, инспекција врз инспекторите, ревизија на постапки за добивање лиценци, итно постапување по насоките на Државната комисија за спречување корупција и Државниот завод за ревизија, како и вертикална одговорност побара денеска Платформата на граѓански организации за борба против корупција.

Објавено на

часот

Сподели

Претставниците на граѓанските организации на денешната прес-конференција кажаа дека корупцијата е закана за животот и безбедноста на граѓаните, а не само злоупотреба на јавните средства. Трагедиите како пожарот во Кочани, Ласкарци, „Беса Транс“, модуларната болница во Тетово, како што посочија од Платформата се директна последица на системски пропусти, политичка заштита, некомпетентни вработувања и институционална негрижа.

Снежана Камиловска-Трповска и Дарко Аврамовски кажаа дека е потребна целосна, непристрасна и транспарентна истрага за пожарот во Кочани, побараа обвинителството да спроведе темелна и објективна истрага, без политички влијанија. Од платформата повикаа да се објават податоците од планот за истрага, да се организираат редовни јавни брифинзи за напредокот, без да се откриваат чувствителни детали. Меѓу барањата на платформата се и целосна реформа на казнената политика, како што потенцираа строги, предвидливи и правично применети казни за корупција, бидејќи симболичните казни го охрабруваат прекршувањето на законот и унапредување на заштитата на укажувачите. Одговорност за институциите и компаниите што не ги исполнувале обврските е меѓу барањата на платформата. Од платфорната прашуваат зошто контролите и надзорот не се спроведувале со години, дали е нестручност или свесен пропуст, обезбедување информации за тековните постапки и резултатите од нив.

Миша Поповиќ од Платформата рече дека е потребно темелна и транспарентна проверка, а вонредните надзори не само формално усогласување на критериумите, објектите не треба само времено да се во мирување, потребни се и казни. Во однос на инспекцијата тој посочи дека е потребна проверка и инспекции.

„Досегашната истрага покажува дека службениците коишто вршат инспекции и оние службеници коишто издаваат дозволи се недоволно контролирани. Очекуваме дека ќе се зголеми контролата врз системот на инспекции и системот на издавање на дозволи и лиценци. Најмалку што очекуваме дека Државната Комисија за спречување на корупција ќе побара вонредно, а сите инспектори и сите службеници коишто учествуваат во издавање на дозволи не само државните секретари ќе поднесуваат анкетни изјави за интереси до нив за да влезат во системот на контрола коишто го обезбедува ДКСК“, рече Поповиќ.

Од платформата побараа и зголемување на бројот на инспекторите и зголемен буџет. Важна е и потребата од ревизија на правилата кои ќе обезбедат безбедност и квалитетен живот на граѓаните. Од Платформата дополнија дека недостигот од одговорност и селективна примена на закони создале амбиент каде „трагедиите се очекуван исход“, а довербата во институциите е длабоко нарушена. За нив е важен еднаквиот третман пред законот и вистински системски реформи. Потребно е и усогласување на прописите за безбедност, јасни критериуми за заштита од пожари, и обврска за теренски увид од ДЗС пред издавање дозволи. Елаборатите за заштита мора да станат задолжителен услов и при издавање на угостителски лиценци.

„И досега правната регулатива обезбедувала одредени правила и процедури коишто институциите, правните субјекти требале да ги почитуваат при реализација на своите обврски, за жал гледаме дека тоа изостанува и таа одговорност мора да биде соодветно утврдена од страна на надлежните институции и се поставува и прашањето зошто тоа и досега не се направило“, рече Камиловска Трповска.

Според неа важно е да се преземат мерки по укажувањата од независните тела, ДКСК и ДЗР кои укажуваат на недоследности во начинот на работата на институциите, да не се гледаат како формалност.

„Воспоставување на вертикална одговорност на институциите едноставно кажано од горе- надоле секој треба да сноси одговорност за постапувањето или пак за непостапувањето во рамки на своите надлежности. Од онаа најниската пред сè дисциплинска, прекршочна, кривична, морална, а на крај политичка соодветно на тежината на пропустот“, рече Камиловска Трповска.

Платформата побара медиумите слободна да известуваат за работите без страв од институционална одмазда и политички притисоци. Од платформата најавија подготовка на „Бела книга“ со досега неисполнети барања за системски реформи, придружена со акциски план и рокови за институциите. Од платформата додаваат дека заложбите не се политички, туку произлегуваат од потребата за заштита на животот, безбедноста и правичноста.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ