Како што се наведува, заедничкиот и недвосмислен став на Платформата е дека предложеното преодно решение не ги отстранува суштинските штети предизвикани со измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, туку дополнително ја ослабува казнено-правната заштита од корупција и злоупотреба на службената положба. Поради тоа, Платформата јасно и експлицитно бара враќање на идентичните одредби кои беа на сила пред измените од 2023 година, како единствено разумно, правно сигурно и одговорно преодно решение, сè до донесување целосно нов Кривичен законик.
На јавната расправа, како што информираат од Платформата, било укажано дека предложените измени, особено кај членот 353, ја сведуваат кривичната одговорност на исклучително тесен и практично неприменлив опсег. Со тоа, во суштина се декриминализираат најчестите и најштетни форми на корупција во јавните набавки, како што се фаворизирање, селективно постапување, прилагодување на тендерските услови, склучување договори без реална потреба и толерирање на незаконитости.
Од Платформата посочуваат дека ваквиот пристап создава правна несигурност и реален ризик од прекин на тековни истражни и судски постапки, бидејќи обвинителството и судовите би останале без правна основа за постапување во најголем дел од случаите.
Дополнително, било нагласено дека предложеното решение ја ограничува „користа“ исклучиво на имотна корист, што е спротивно на европските антикорупциски стандарди и ја исклучува одговорноста за бројни неконвенционални, но широко распространети форми на корупција, како фаворизирање, непотизам и стекнување нематеријални привилегии. Намалувањето на максималните казни, пак, директно влијае врз роковите на застареност, кои се преполовуваат, иако меѓународните тела континуирано укажуваат дека кај високата корупција е неопходен подолг период за откривање, истрага и гонење.
Платформата предупредува и дека со измените на членот 353В се ограничува кривичната одговорност исклучиво на имотна корист и се брише таканаречената „заштитна мрежа“ за други очигледно несовесни начини на вршење на службата, со што се создава ризик од фактичка амнестија за службени лица и сериозно се стеснува опсегот на гонење за чести форми на корупција.
Во однос на проширената конфискација, од Платформата укажуваат дека предложените измени сериозно го нарушуваат основниот принцип според кој таа може да се примени само по правосилна осуда за тешки облици на корупција или организиран криминал. Со бришење на јасната граница меѓу проширена конфискација и конфискација без кривична осуда, се создава ризик од произволно префрлање на товарот на докажување и сериозна закана за правната сигурност.
Платформата повторно нагласува дека донесувањето на вакви значајни измени во Кривичниот законик мора да биде резултат на суштински и инклузивни консултации со сите засегнати страни, вклучително и судиите и јавните обвинители, како практичари кои се најдиректно засегнати од измените.
Поради сето наведено, Платформата апелира до пратениците во Собранието да ги земат предвид аргументите изнесени на јавната расправа и без одлагање да ги вратат одредбите од Кривичниот законик какви што беа пред измените од септември 2023 година, како неопходен чекор за заштита на јавниот интерес, владеењето на правото и довербата на граѓаните.






