четврток, 8 мај 2025

Плаколм: За забрзување на интегративниот процес треба да се ограничи правото на вето

Повеќе од 20 години зборуваме за интеграција на Западниот Балкан во ЕУ, но не е постигнат значителен напредок на тој план, бидејќи најчесто соседните земји „ставаат кочница”, изјави министерката за Европа, интеграција и семејство на Австрија, Клаудија Плаколм во интервју за австриската агенција АПА.

Објавено на

часот

Сподели

Таа смета дека ЕУ треба да им дозволи на „напредните кандидати за членство“, како Црна Гора, Македонија и Албанија, да учествуваат во програмите на Унијата.

„Тоа може да се случи, на пример, преку подобра економска соработка со видливи придобивки за населението и за компаниите на Западниот Балкан, што, се разбира, е поврзано со исполнување на обврските. Може да се прави чекор по чекор и земјите кои веќе добро напредуваат да се вклучат во европските програми“, вели Плаколм.

Австриската министерка истакна дека се надева и посакува ЕУ да ги прими првите нови членки „во следните неколку години, а во секој случај до 2030 година“.

За забрзување на интегративниот процес, според Плаколм, би требало да се разгледа и ограничување на правото на вето при носењето на некои одлуки во рамките на ЕУ поврзани со проширувањето.

„Би било поразумно некои чекори да се направат побрзо и на крајот од целиот процес повторно да се вратиме на одлучување со консензус. Но, сметам дека е важно да постигнеме единство и да разговараме за клучните прашања“, истакна австриската министерка.

Според неа, ако продолжи со ваквиот однос, ЕУ ризикува да го изгуби кредибилитетот на Западниот Балкан и постои опасност регионот „да стане играчка на други геополитички сили”.

„Се чувствува, особено кога размислуваме за демонстрациите во Србија, дека населението е подготвено за реформи, за европска интеграција, повеќе од кога било досега и дека сега конечно се потребни опипливи подобрувања. Се гледа дека тоа е поддржано и од младите, од студентите, кои излегуваат на улица и бараат некои работи од политиката“, истакна Плаколм.

Таа смета дека давањето статус на кандидат за членство во ЕУ на Украина било геополитичка одлука. „Јасно е дека ние, како Австрија, како Европска Унија, се обврзуваме да ја поддржиме Украина. Зашто тоа е една земја на европска почва нападната на 24 февруари 2022 година и зајакнатото приближување кон нашите европски принципи, кон нашите вредности, може да биде само корисно“, рече Плаколм.

Сепак, според неа, дури и ако војната заврши наскоро, Украина нема да биде поподготвена од другите кандидати за да стане членка на Европската Унија.

„Тука Западниот Балкан е значително понапред од Украина“, нагласи Плаколм, потенцирајќи дека „за некои земји“ пристапниот процес трае повеќе од 20 години.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ