„Со ова писмо сакам да ви предложам иницијатива за дополнување на францускиот предлог во преговарачката рамка за Република Македонија преку формален анекс кој би овозможил јасни и правно обврзувачки гаранции за македонскиот јазик и национален идентитет, како и механизми за деполитизирање на билатералните историски прашања со Република Бугарија“, пишува професорот Кекеновски во писмото што го испратил до европските институции, како и до амбасадорот во Делегацијата на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас.
Според Кекеновски, предлог-анексот не ги менува постојните членови од францускиот предлог, туку ги дополнува и конкретизира, обезбедувајќи правна сигурност и јасност во однос на клучните прашања. Ова може да помогне во надминување на застојот во преговорите и да создаде основа за понатамошен конструктивен дијалог.
Во анексот на предлог-преговарачката рамка, т.н. француски предлог, што го подготвил професорот Кекеновски, содржани се шест точки, кои се однесуваат на: признавање на македонскиот јазик, почитување на националниот и културниот идентитет, улогата на заедничката историска комисија, неприменување на билатерални прашања како услов, европски дух и билатерална соработка, неразделивост на анексот.
„Верувам дека таков анекс ќе овозможи продор во застојот на преговорите, со зачувување на европските вредности, добрососедството и европската солидарност, и ќе даде сигурност и на двете страни. Би бил благодарен доколку овој мој предлог биде разгледан во рамките на претстојните активности на Европската комисија и работата на Претседателството на Советот на ЕУ.
Предлог-анексот не ги менува постојните членови од францускиот предлог, туку ги дополнува и конкретизира, обезбедувајќи правна сигурност и јасност во однос на клучните прашања. Ова може да помогне во надминување на застојот во преговорите и да создаде основа за понатамошен конструктивен дијалог“, наведува во писмото професорот Кекеновски.
Во продолжение, предлог- анексот на францускиот предлог, иницијатива на професорот Кекеновски во интегрална форма:
Член 1 – Признавање на македонскиот јазик
Европската Унија потврдува дека македонскиот јазик претставува официјален јазик на Република Северна Македонија и е составен дел од културното и јазичното богатство на Унијата. Во сите официјални документи, преводи и комуникации, се користи формулацијата „македонски јазик“, без фусноти, објаснувања или дополнителни квалификации.
Член 2 – Почитување на националниот и културниот идентитет
Европската Унија признава дека националниот, културниот и историскиот идентитет се прашања од суверено внатрешно значење за државите-кандидатки. Тие нема да бидат предмет на условување, интерпретација или оценување во рамки на пристапните преговори.
Член 3 – Улога на заедничката историска комисија
Работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања има консултативен и стручен карактер. Нејзините предлози немаат обврзувачка правна сила и не претставуваат услов за отворање или затворање на преговарачките поглавја.
Член 4 – Неприменување на билатерални прашања како услов
Европската Унија и земјите-членки се обврзуваат да не дозволат билатерални историски или идентитетски прашања да станат инструмент за блокирање или условување на напредокот на земјата-кандидат. Прашањата од билатерален карактер ќе се решаваат преку дијалог, во дух на добрососедство, без да се попречува европската интеграција.
Член 5 – Европски дух и билатерална соработка
Европската Унија ја охрабрува и ги поздравува напорите на Република Бугарија во промоција, и доследно практикување и заштитата на европските вредности, вклучително и посветеноста на добрососедските односи и правата на малцинствата.
Унијата охрабрува понатамошен конструктивен дијалог меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија во насока на градење на заедничка европска иднина, заснована на меѓусебна почит, разбирање и европска солидарност.
Член 6 – Неразделивост на анексот
Овој анекс претставува составен дел од Преговарачката рамка и ќе биде земен предвид при сите идни проценки на напредокот на Република Северна Македонија во процесот на пристапување.