Наместо позитивен ПР, ваквото поистоветување на идентитетот, предизвикаа бројни, дури и навредливи реакции за еврокомесарката и за ЕУ.
„За мене, мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна, туку е и Гоце Делчев и Шапкарев, и Миладиновци и Илинденското востание и Дамјан Груев и Јане Сандански… Не знам дали ќе го споделат истото мислење и колегите од исток, но тоа се луѓето кои се дел од нашиот идентитет, македонски идентитет“, реагираше најпрво Мицкоски.
Реагираше и поранешниот пратеник Илија Димовски: „Паметен и досетлив сарказам беше дозволена политичка комуникација во време кога низ Европа имаше проникливи и ведри луѓе за лидери. Денес има сѐ, освен тоа. Да беа сериозни во ЕУ, денешната изјава на Кос ќе требаше да ја сметаме за навреда“, напиша Илија Димовски.
Политичкиот аналитичар Никола Србов од ВМРО-ДПМНЕ порача: „Почитувана Кос, нашиот идентитет не се полнетите пиперки и тавче гравче, и никој не ни ги оспорува рецептите и кулинарските вештини. Нашиот идентитет е нашето минато, нашето општествено и политичко минато, и токму тоа некој ни го оспорува и сака да ни го промени“, напиша Србов.
Инфлуенсерката Ина Многуфина напиша: „Како што разбрав нашиот идентитет е летна манџа. И манастирите, ок, ама тие малку опљачкани ни се, ајварот ни го земаа други, името го дадовме, јазикот глеам нешо се дешава таму, културата одвај ја држиме додека оди во турбо траш… значи пиперки ни останаа за летна манџа и останува уште да ја романтизираме сиромаштијата од типот ‘абе све ви сменија ама пиперките никој не може да ги пуни ко вие’ и ние да викаме ‘да, да муце, може немавме многу ама бевме среќни со пиперките’. За идентитет не било битно име и јазик и фолклор туку тавче гравче и пунети пиперки ко да сме ресторан и аплицираме за Мишелин ѕвезда со Алачка за претседател“, напиша Ина Многуфина.
За адвокатот Владимир Туфегџиќ ваквите изјави не се случајни: „Да не бидеме наивни, овакви политички гиганти од ЕУ очигледно имаат задача онака лагано али сигурно на тивка ватра, да не спремаат да ја прифатиме новата кафанска тавче гравче дефиниција за нашиот национален идентитет. Додуше, кога ќе размислам подобро, а можда на женава државава стварно ѝ личи на кафана, онака од страна гледано“, напиша Туфегџиќ.






