Таа нагласи дека значаен дел од буџетот ќе биде наменет и за реконструкција на објекти, како и за набавка на униформи, обувки, санитетски материјали, одржување на воена опрема, муниција и материјални средства за обуки и вежби.
„Одбранбениот буџет за 2024 година е во висина од историски 2,05 отсто од бруто – домашниот производ, од кои повторно една третина ќе бидат наменети за процесот на модернизација и опремување. Тоа ќе овозможи набавките на оклопните возила „ЈЛТВ“ и „Страјкер“, системите за противвоздушна одбрана „МистралM“ и артилериските орудија „Боран“ да продолжат да пристигнуваат согласно договореното“, истакна Петровска.
Потенцираше дека се очекува првите „Страјкер“ возила да пристигнат до крајот на 2024 година, додека истовремено два хеликоптери кои се во фаза на ремонт треба да се вратат во државава во првата половина на следната година.
„Сакам да потенцирам дека на 15 декември со Република Чешка ја потпишавме и рамковната спогодба со која првпат системски се решаваат предизвиците со навремена набавка на резервни делови, поправка на делови и снабдување со потрошен материјал за потребите на воените воздухоплови“, рече Петровска и нагласи дека воздухопловите ќе бидат функционални и оперативни сѐ додека не бидат ставени во употреба новите осум повеќенаменски хеликоптери за кои процесот на набавка е при крај.
Министерката појасни дека со измените на Законот за служба во Армијата и бројните поволности за припадниците во зголемувањето на нивниот стандард, исплатата на надоместокот за станарина, отпремнината за професионалните војници со 45 години старост и подобрените услови за пензионирање, Армијата го зазеде местото во општеството на кое припаѓа.
„Наредната година тоа ќе го направиме и со новиот закон за вработените во Министерството за одбрана кој се наоѓа во собраниска процедура. Ако пратениците од која било партија навистина сакаат да го валоризираат трудот на вработените во одбраната кои се одговорни вклучително и за нивната безбедност како граѓани на оваа земја ќе го поддржат ова законско решение без никакви калкулации и уцени“, нагласи таа.
Министерката потсети дека во 2023 година Министерството за одбрана инвестираше плански во зголемувањето на борбената готовност на Армијата, во набавката на нова и модерна опрема, но и во развојот на човечкиот потенцијал во одбраната, со што Армијата ги доби и конвоите на воени возила кои за потребите на нашата НАТО единица ги пренесуваат најмодерните и најсофистицираните оклопни возила до нивната крајна дестинација – касарната во Штип. Како што рече, оваа година секторот одбрана беше успешен и на меѓународен план.
„Како одговорна земја членка на НАТО продолживме и ќе продолжиме да придонесуваме кон безбедноста на Алијансата преку учество во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Романија и Бугарија, исто како што го продолжуваме и нашиот придонес и кон регионалната безбедност. Нашите припадници остануваат во мисијата на НАТО во Косово, КФОР и во операцијата на ЕУ во БиХ, ЕУФОР – АЛТЕА“, истакна Петровска оценувајќи дека билатералната соработка со сојузниците никогаш досега не била на повисоко ниво.
Таа потсети и дека е потпишан и 10-годишниот патоказ кој покажува како ќе се развива македонско-американската соработка во следната декада со секретарот за одбрана Лојд Остин, како и договорите за одбранбена соработка со Словенија и со Португалија.
„Министерството за одбрана годинава има троен успех на полето на транспарентноста. Го потврдивме лидерското место во делот на активната транспарентност, избивме на прво место според отвореноста не само во Република Северна Македонија, туку и во регионот и добивме потврда од Агенцијата за заштита на правата на слободен пристап до информациите од јавен карактер кои во извештајот за извршената проверка на објавените документи и информации нѐ позиционираше на првото место со 100 – процентен број на бодови. Од нашата транспарентност, која е и наш златен стандард, нема да отстапиме и затоа ве уверувам дека нашата блиска соработка ќе продолжи и во 2024 година“, нагласи министерката Славјанка Петровска на новогодишниот брифинг со новинарите.
Петровска и генералот Ѓурчиновски денеска попладне беа и на предновогодишно неформално дружење со семејствата на мировниците.
Сите задачи се извршуваат на најпрофесионален начин и мотивираноста и посветеноста се на највисоко ниво, порачаа Армиските припадници во мировни мисии на вечерашното предновогодишно неформално дружење со семејствата на мировниците на министерката за одбрана, Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал- потполковник Васко Ѓурчиновски, во Домот на Армијата.
Како што информираат од Министерството за одбрана, на неформалното дружење со децата на мировниците преку видео-конференциска врска се приклучиле и армиските припадници упатени во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Бугарија и Романија, мисијата на Алијансата во Косово, КФОР, операцијата на ЕУ во БиХ, АЛТЕА и мисијата на ООН во Либан, УНИФИЛ.
Министерката Петровска и генералот Ѓурчиновски им ги честитале претстојните празници на семејствата на македонските мировници, изразувајќи им благодарност за нивната поддршка за најблиските кои даваат личен придонес кон колективната и регионалната безбедност.
На припадниците на Армијата во овие мисии им посакале успешна мисија и безбедно враќање дома кај своите најблиски и во Армијата.
Децата на мировниците добиле новогодишни пакетчиња од Дедо Мраз, а радост, како што наведуваат од министерството, донеле и аниматорите во ликовите на најпознатите детски цртани филмови.

А, денеска во салата на Војничкиот клуб на Командата за обука и доктрини (КОД) во велешката касарна денеска се одржа свечена церемонија за промоција во прв подофицерски чин во водник на 30 припадници на Армијата меѓу кои и три жени, кои успешно го завршија курсот.
Началникот на ГШ на Армијата генерал- потполковник Васко Ѓурчиновски им го честита првиот подофицесрки чин на новопроизведените подофицери-водници и им порача да бидат горди на стапувањето во редовите на подофицерите што треба да им биде поттик за залагање и со нивни личен пример да ја прикажуваат одликата за професионалното работење. Воедно ги информира новопроизведените подофицери дека во следниот период ќе бидат распоредени во единиците на Армијата согласно специјалноста како командири на одделенија каде на професионалните војници ќе го пренесуваат досегашното искуство, како и стекнатите знаења во процесот на изведување на обуката
На свеченоста се обрати прворангираниот подофицер, водник Лазе Богоески со порака до своите колеги – новопромовирани подофицери.
„Научивме да станеме кога е најтешко, научивме да бидеме колектив, колектив кој изгради голем соживот. Чекоревме храбро и чесно заедно со инструкторскиот тим и дење и ноќе само за да ја постигнеме оваа наша цел, цел означена со кохезија, држење еден до друг, тактичност. Цел за да станеме лидери“. рече Богоески.
Командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Васко Коколански истакна дека денеска Армијата ги зајакна своите капацитети со лидери кои ќе мотивираат, инспирираат и водат. Воедно ќе се развиваат како добри лидери преку секојдневните задачи, обуката на единиците, градењето на капацитети и армиските вредности и ќе придонесуваат Армијата да биде почитувана од сојузниците во НАТО.
„Пополнувањето на подофицерскиот кор ќе продолжи, затоа што подофицерите се оние кои го покажуваат правецот за секој војник, оние кои организираат, инспирираат, мотивираат. Вие сте ’рбетот на Армијата, а за секоја држава клучно е тој ’рбет да биде исправен и цврст“, истакна командантот на КОД, полковник Коколански.
На промоцијата, на инструкторите кои се залагале за успешна реализација на курсот и кои покажале особено залагање и високи резултати за време на обуката им беа доделени признанија од генерал-потполковник Ѓурчиновски и командантот на КОД, полковник Коколански.






