„Кога зборуваме за минималната плата треба да внимаваме на два аспекта – што дополнителниот товар ќе значи за економијата и за оние што треба тие плати да ги исплаќаат, или што ќе значи за буџетот, ако тој товар се префрла на буџетот. Вториот аспект е, што поголемата маса на средства во економијата може да предизвика за цените, односно за инфлацијата. Во моментов движењата се поволни, во последниот месец имаме подобрување, во смисла на намалување на цените и вкупно, и особено кај храната, и мислам дека политиките треба да бидат особено внимателни за таквиот тренд да не се наруши“, изјави Петрески во одговор на новинарско прашање пред почетокот на економскиот форум „Зајакнување на работоспособните жени: Стратегии за отклучување на потенцијалот и зголемување на продуктивноста“, во организација на Фајнанс тинк – Институт за економски истражувања и политики, Скопје.
Петрески посочи дека за разлика од растот на минималната плата, линеарното зголемување на пензиите на некој начин беше спротивно на идејата за фискална консолидација.
„Кај платите реалниот раст, односно оној раст кога ќе се земе предвид инфлацијата сè уште останува позитивен и е понизок од минатата година. Се намалува растот, но останува во позитивна зона. Во делот на пензиите мојот став останува конзистентен, дека растот којшто го видовме е премногу голем и дека придонесува за вкупната потрошувачка и на цените, а влијае и врз буџетот“, заклучи Петрески.