недела, 1 март 2026

Петнаесет години од објавувањето на првиот број на македонскиот весник “Илинден“

Пред петнаесет години, на 1 март 2011 година, во Тирана, беше објавен првиот број на македонскиот весник “Илинден“, како двоброј (март/април, чија цел е промоцијата на македонскиот јазик, афирмација на етничкиот, јазичниот, културниот идентитет, како и покренувањето прашања од интерес за Македонците во Албанија.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

„До сега имаме објавено вкупно 71 број, докажувајќи континуитет и посветеност во информирањето на своите читатели и предизвикувајќи голем интерес кај читателите во Албанија, во татковината Македонија, како и во македонската дијаспора во светот“, вели Никола Ѓурѓај, главен и одговорен уредник.

Додава дека според бројните писма што стигнуваат до редакцијата, како и комуникацијата преку профилите на весникот на социјалните мрежи со читателите, во петнаесетгодишниот период весникот прераснал во сериозен весник, чии вести и теми сè повеќе стигнуваат до читателите.

Македонскиот весник “Илинден“,  од март 2017 година, покрај печатената верзија, може да се следи и преку веб-страницата www.vesnik-ilinden.com, со што весникот стана достапен за пошироката јавност.

Од септември истата година, е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски списанија со број ISSN 2522-6282 (онлајн) и ISSN 2522-4514 (печатено).

Oд август 2022 година, македонскиот весник “Илинден“ е член на платформата на Алијансата за етички медиуми (AEM), каде што членуваат 30 печатени и аудиовизуелни медиуми во Албанија.

Тој исто така е дел од најголемите информативни платформи во Македонија time.mk, grid.mk и vesti.mk

За сите заинтересирани, сите изданија на македонскиот весник “Илинден“ се достапни и во Националната библиотека во Тирана, Библиотеката на Собранието на Албанија, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопјe, Библиотеката на Институтот за старословенска култура – Прилеп, Библиотеката на Академијата на науките и уметностите на Македонија, Библиотеката „Григор Перличев“ – Охрид и Државниот архив на Македонија.

„Мисијата на нашиот весник останува и понатаму иста а тоа е да го поттикнува и промовира македонскиот јазик и македонскиот идентитет во Албанија. Остануваме уверени дека нашите активности ќе бидат соодветно поддржани од државните институции на Албанија и Македонија, како и од Македонците од целиот свет“, посочува Ѓурѓај.

Редакцијата на македонскиот весник “Илинден“ изразува благодарност до сите свои соработници.

„Со задоволство и гордост сакам да нагласам дека нашиот весник,  дава голем придонес во промоцијата на македонскиот јазик и во покренувањето прашања од интерес за Македонците во Албанија, и постојано работи на заштита и афирмација на етничкиот, јазичниот, културниот идентитет и националните традиции на Македонците во Албанија“, нагласува тој.

Од свое и име на редакцијата изразува благодарност до лојалните читатели за покажаниот интерес за содржините што ги нуди весникот, кој е гласило на македонското друштво “Илинден” – Тирана.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ