Овој критично загрозен и ендемски вид пеперутка живее само во варовничките предели кај превојот Плетвар. Со хабитат помал од 10 km², таа е изложена на висок ризик од исчезнување, особено поттикнато од побарувачката од колекционери на инсекти.
ИКС и германската организација Pro Wildlife упатија писмо до македонските институции, со барање Македонија формално да поднесе предлог до CITES најдоцна до 27 јуни, пред Конференцијата на страните (CoP20), што ќе се одржи во Самарканд (Узбекистан) од 25 ноември до 5 декември 2025.
Вклучувањето на овој вид во Анекс 1 на Конвенцијата CITES ќе овозможи забрана за меѓународна трговија, поддршка за национални и гранични контроли и подигнување на свеста за заштита на видот на глобално ниво.
Иницијативата може да се поддржи со потпишување на петицијата на CHANGE.ORG.
Предлогот произлегува од истражувачка сторија на ИКС, која прва ги обелодени случаите на криволов и трговија со овој уникатен вид.