понеделник, 16 февруари 2026

Пестициди во дивата природа на Преспа: научно истражување открива тивко труење околу езерото

Пестицидите што со години се користат за јаболковите насади во Преспанскиот регион не завршуваат само на плодовите. Дел од нив, како што покажува најновото научно истражување на младата истражувачка Јована Данова, завршуваат и во дивата флора, во растенија што никој не ги прска, но кои растат во близина на обработливите површини со јасни индикации за ризик по екосистемите и потенцијално по здравјето на луѓето. Истражувањето покажува и тоа дека колку е поблиска дивата флора до земјоделските насади, толку е поголема веројатноста за контаминација. Иако Преспа е заштитено подрачје со исклучително значење за биодиверзитетот, државата досега нема воспоставено систем за мониторинг на индиректното труење со пестициди.

Објавено на

часот

Сподели

Преспанскиот регион е препознатлив по интензивното одгледување јаболка и долгогодишната употреба на пестициди. Но, зад сликата на плодни насади, се крие сериозен еколошки проблем, неконтролираното ширење на хемиски материи надвор од обработливите површини. Истражувањето „Утврдување на состојбата на индиректна контаминација со пестициди на дивата флора во Преспанскиот регион“, на младата истражувачка Јована Данова спроведено во 2025 година, за првпат научно документира присуство на остатоци од пестициди во дивите растенија околу Преспанското Езеро. Фокусот на истражувањето е ставен на индиректната контаминација, преку воздухот, почвата и водата, каде пестицидите можат да се пренесат и на растителни видови кои не се цел на земјоделската употреба.

Преспа, земјоделски рај со еколошки ризик

Според научните податоци, од 80 до 90 проценти од распрсканите пестициди испаруваат и се шират низ воздухот, почвата и водите само неколку часа по прскањето. Преспа, како затворен и чувствителен екосистем, е особено ранлив на вакви влијанија.

Лабораториските анализи, спроведени со гасна и течна масена спектрометрија, откриваат присуство на вкупно 19 различни пестициди во дивата флора на шест од осум истражувани локации во два периоди, пролет и есен.

Во пролет беа идентификувани 10 пестициди. Примерокот од Претор имаше највисока застапеност со детектирани осум соединенија, примероците од Крани и околина на Ресен содржеа по два пестициди. Во примероците од Сливница и Стење не беа идентификувани пестициди. Во есен беа евидентирани 12 пестициди од кои најмногу пестициди имаше во примерокот од Ресен, осум и повторно Претор, пет. Примероците од Сливница и Стење кај крајбрежјето немаа пестициди. Различно од претходно е што примерокот Стење кај патот покажа присуство на три пестициди“, се наведува во истражувањето на Данова.

Прскање денес, последици утре

Според резултатите од истражувањето, загрижувачки се и податоците од локациите каде примероци биле земени пред и по прскање со пестициди. Анализите покажуваат драстично зголемување на концентрациите веднаш по земјоделските активности, што укажува на директно влијание на прскањето врз околната природа. Данова предупредува дека ваквата индиректна контаминација може да има долгорочни последици врз растителните и животинските видови, но и врз луѓето кои живеат во близина или собираат диви растенија за исхрана и медицинска употреба.

Несомнено е дека дивата флора е изложена на ризик од контаминација. Ова доведува до сомнеж за нарушувања во локалните екосистеми. Преку добиените резултати се согледува дека детектираните пестициди на повеќе мониторинг локации укажуваат на реална можност за индиректна контаминација, особено во близина на интензивно обработуваните јаболкови површини. Споредбата со MRL вредностите за култивирани видови има ограничувања, но сепак овозможува основна ориентација при оценувањето на потенцијалниот ризик“, предупредува Данова.

Колку поблиску до нивите толку поголем е ризикот

Истражувањето покажува и зависност меѓу оддалеченоста од земјоделските површини и присуството на пестициди. Диворастечките растенија кои се наоѓаат на 20 до 30 метри од насадите имаат значително поголемо загадување со пестициди. Особено алармантни, се наведува во истражувањето се резултатите од примероците земени веднаш по прскањето, каде што концентрациите на одредени пестициди се зголемуваат драстично.

Познат е фактот дека по користење на пестицидите во земјоделските практики истите се распространуваат по неколку часа од апликација, во почвите, речните води, подземните води, езерата. До една четвртина од употребените пестициди можат да бидат пренесени со воздушни струи, со што хемиските материи патуваат стотици, па дури и илјадници километри. Највисоки нивоа на разнесување се забележуваат во летните месеци, кога може да достигнат и до 60 отсто, а на овој процес влијаат повеќе фактори, како што се брзината на ветерот, температурата, влажноста на воздухот и типот на почвата. Дополнително, некои пестициди претходно се идентификувани и во национални паркови и градови“, заклучува Данова во истражувањето.

Засега само Голем Град им пркоси на отровите

Единствено охрабрувачкиот наод од истражувањето е тоа што на островот Голем Град, кој се смета за еден од најзначајните природни бисери во Преспа, не се детектирани остатоци од пестициди во ниту еден од испитуваните периоди.

Примероците од островот Голем Град и во двата истражувани периода не покажаа присуство на пестициди, што сугерира на неекспонираност на пестициди во рамките на спроведените теренски истражувања“, се наведува во истражувањето.

Но и овој резултат е условен, примероците се земани во два периоди и во ограничен обем. Сепак, Данова предупредува дека ова не значи целосна безбедност и оти е неопходен почест и подолгорочен мониторинг за да се потврди овој тренд.

Празнина во регулативата: дивата флора без заштита

Еден од најголемите проблеми што ги истакнува студијата е фактот дека европските регулативи пропишуваат максимално дозволени нивоа на пестициди само за култивирани растенија. За диворастечката флора – стандарди не постојат. Поради тоа, ризик-анализата во истражувањето е направена според референтни вредности за јаболка, капини и пињоли, што укажува на институционален вакуум кога станува збор за заштита на природата.

Затоа, наодите од ова истражување покажуваат дека Преспанскиот регион има потреба од редовен и системски мониторинг на пестициди, унапредување на добрите земјоделски практики и подобра заштита на чувствителните природни подрачја.

За намалување на потенцијалните ризици е пожелно да се воспостави редовен мониторинг на критичните локации, како и унапредување на добрите земјоделски практики со цел минимизирање на преносот на пестициди надвор од обработливите површини. Дополнително, потребно е и развивање и спроведување на студии кои би биле насочени кон развивање референтни токсиколошки параметри за диворастечките растенија“, констатира Данова во истражувањето.

Истражувањето „Утврдување на состојбата на индиректна контаминација со пестициди на дивата флора во Преспанскиот регион“, раководено од Јована Данова, е реализирано во рамки на Програмата за поддршка на млади еколози „д-р Љупчо Меловски“.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ