понеделник, 8 декември 2025
Интервју

Пешевски: Кацарска со пресудите за „27 април“ го погреба правосудство, ама доби награда да биде уставен судија

Од процесот за „27 април“ изминува осмата година. Овој настан сѐ уште за некои е терористички напад, а за некои патриотски чин. Еден од осудените почина, дел излегоа од затвор со изречен прекин на издржување на затворската казна од здравствени причини, но не се на слобода. Со адвокатот Драган Пешевски, кој директно беше вклучен во постапката за „27 април“, кој поднесе, а не доби поддршка за Закон за амнестија за овие луѓе да излезеа на слобода, и кој отворено и јавно зборува за секој детаљ од овој процес, како и за доближувањето на политиката во правосудството, зборуваме за тоа дали во „27 април“ има терористи или уставобранители?

Објавено на

часот

Сподели

Осум години подоцна, на што Вас како правник Ве асоцира овој процес, спроведување на законите, правда, политички монтиран процес, изгубени животи, запустени човечки судбини, невини луѓе зад решетки…?

– Кумулативно сето она што го споменавте го опфаќа целиот овој процес. Го следевте процесот и знаете и вие, медиумите, но ќе кажам дека овој процес беше погреб на македонското правосудство, кое и претходно не беше во добра состојба. Со овој процес буквално го закопавме, а не гледам дека некој проба да го оживее „мртовецот“ и да му даде вештачко дишење. Правосудството оттогаш сѐ повеќе пропаѓа, а во „27 април“ видовме процес во кој обвинетите беа третирани како да сме во 7 век п.н.е. и овие луѓе немаа никакви права, а никакви права немаше ни одбраната. Од самиот почеток е јасно дека овој процес е политички монтиран, а последиците од тоа сè уште ги гледаме. Гледаме еден куп осудени лица, кои се неправедно осудени, а ги трпат правните последици и лежат во затвор.

Во почетокот на 2025 обвинетите за организирањето на овој настан беа амнестирани. По шест години од судскиот процес Миле Јанакиески, Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски од судијата Илија Трпков ги слушнаа зборовите: „Слободни сте, можете да си одите“. Но тоа никогаш не се случи со оние од „27 април“ што беа осудени на високи затворски казни. Во почетокот на првиот процес беа амнестирани дел од оние што одговараа за терористичко загрозување на уставниот поредок. Од една страна се првите, амнестираните, од друга оние за организирањето на овој настан, а во средина останаа оние осудените на високи затворски казни. Ги изгоре ли политиката оние што останаа во средина?

– Замислете, генералите, односно организаторите, првично добија по 5 до 6 години затвор, а војничињата од 12 до 18 години затвор. Апсолутно оние што останаа во средина, а за кои ме прашувате, ги изгоре политиката, и тоа не наеднаш, туку повеќе пати. Законот за амнестија од правен аспект беше за потсмев. Тоа е Закон во кој вие не знаете дали луѓе се амнестираат, се аболицираат, кој го дава мислењето, кој помилува… Значи, мислење даде органот на прогон, а тоа судот само го прифати. Амнестирањето е уште една голема горчина во овој процес, бидејќи сѐ беше направено произволно. На Горан Ангелов, кого го бранам во овој процес, му се припиша дека сторил насилно дејствие и не може да биде амнестиран. А насилното дејствие беше тоа што полицаец му ја фатил раката на скали, а тој ја оттргнал. Тој со ова име и презиме не смееше да добие амнестија, а неа ја доби лице што носеше оружје во Собранието.

Наменски направен Закон за амнестија?

– Да, се разбира дека е наменски за пратениците што им беа потребни за да го изгласаат Преспанскиот договор. А и за дел од другите, уметници, водители, глумци… но не важеше за оние што тогаш беа нарекувани насилници, а не важеше ниту за полициските службеници. Овие луѓе беа избегнати со овој закон. Еден од пратениците, односно Крсто Мукоски, за него сакам да нагласам дека вештаците во судската сала тврдеа дека ако вратата на Собранието не се отвори рачно од внатре, не може ни тенк да ја отвори, а не да дојдат 300 луѓе и со буткање да ја отворат. А Мукоски, големиот „патриот“, подоцна гласаше за промена на името.

Игор Југ, за жал почина, дел од луѓето што беа осудени се на слобода од здравствени причини, со барање за прекин на издржување на затворската казна, но никој од нив не доби слобода и не доби амин од обвинител или од суд.

– Деновите во затвор секако си го земаат данокот. Дел од осудените за „27 април“ имаа здравствени проблеми, но на дел од нив здравјето им се влоши во затвор бидејќи минаа 8 години зад решетки, а тоа е премногу за нешто што не го сториле.

Ветувања дека ќе излезат на слобода има?

– Да, имаат куп ветувања од оваа власт дека ќе излезат на слобода. А и во предизборните кампањи се изнаслушавме дека овие луѓе ќе излезат комплетно на слобода уште првиот ден кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт или барем во првите 100 дена, но тоа до сега не се случи. Прекинот на издржување на затворската казна не значи слобода. Се појавија нови докази, како што е исказот на тогашната обвинителка Вилма Русковска дека пресудата за „27 април“ ја знаела уште пред да биде донесена, што е недозволиво, а и исказот на сегашниот директор на затворот во Идризово, дека поротата била повикана да потпише целосно подготвена пресуда, а не била консултирана ни при одмерувањето на казната, ниту при донесувањето на одлуката. Спремни сме да бараме повторување, но очигледно некој на обвинетите им сугерирал да се почека со барањето за повторување на постапката бидејќи им се ветува слобода.

А со повторувањето не би добиле слобода?

– Ако се повтори процесот, ние како одбрана ќе целиме кон слобода бидејќи само на тој начин овие луѓе ќе докажат дека навистина немаат вина за тешкото кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок.

Покренавте иницијатива за целосно ослободување од казна или нејзино намалување на половина, односно амнестија за осудените за „27 април“. Пред Вашата иницијатива сите побараа амнестија, освен Митко Чавков, Душко Лазаров, Игор Дурловски, Јане Ченто и Игор Југ. Значи ли тоа дека ова беше вашата единствена можност за овие луѓе да излезат од зад решетки притиснати од политиката, со оглед на тоа дека ако побарате амнестија, се чини дека ги признавате кривичните дела што ви се ставаат на товар, а можеби осудените не се согласувале со тоа?

– Во тој период кога го поднесовме Законот за амнестија, не постоеше друга опција, сега имаме можност за повторување на постапката.

А Вашиот клиент Горан Ангелов е за што, за повторување на постапката и докажување вина или за амнестија?

– Дефинитивно за првото, бидејќи на тој начин ќе си го обели образот и ќе докаже дека не е виновен.

Зошто не Ви го изгласаа Законот за амнестија што го предложивте, имавте ли надеж дека ќе ја одобрат или од почеток знаевте што ќе се случи?

– Левица и ВМРО-ДПМНЕ од самиот почеток ни кажаа дека ќе ни дадат поддршка за овој предлог-закон, но ЛДП ни кажа дека никогаш не гласаат за закони за амнестија, СДСМ не знаеше дали ќе ни даде поддршка и ни беше јасно дека нема да помине.

Уривањето на Собранието е уривање на државата, ќе рече судијата Трпков. Што велите Вие кога ги гледате видеата од 27 април, во кои ќе се согласите дека имаше многу насилство и повредени лица? Сметате дека не требаше да има процес или сметате дека оние што беа осомничени требаше да одговараат за поинакво, сосема полесно кривично дело?

– Тука обвинителството го направи самиот проблем од почеток, односно направи пет различни квалификации, односно учество во толпа, па спречување на службено лице во вршење службено дејствие, па насилство, па со обидот за убиство на Села, па ова со терористичко загрозување на уставниот поредок, кое беше големото финале. Но, да не се лажеме, Собранието е домот на демократијата итн., но во моментот на влез на овие луѓе, тоа не работи. Ова го кажувам со цел дека обвинувањата се тие, дека луѓето влегле за да спречат избор на претседател на Собрание. Не е точно. Изборот беше направен, а во прес-салата се држеше прес-конференција. Пленарната сала беше заклучена и Собранието не работеше. Самото загрозување на уставниот поредок уште тука ја изгуби смислата, но се случи тоа што се случи. Обвинителството овие обвинети ги гонеше за учество во топла, но потоа делото стана терористичко загрозување на уставниот поредок. Ги собраа од дома, се работеше од 8 до 8, сѐ да се направи по кратка постапка, за на крај овие луѓе експресно да завршат во притвор. Уште во почетокот насилно се почна со целата постапка. На 27 април тогаш во Собранието се случуваше силување на демократијата. Записникот за избор на Талат Џафери уште го нема. Ние не знаеме како и со колку гласови е тој избран. Нека излезе записникот, па да видиме дали тој цел парламентарен состав имал кредибилитет.

Сите, според Вас, од правен аспект, се неправедно осудени за терористичко загрозување на уставниот поредок?

– Апсолутно да. Сите. Овие обвинети не се мали деца, односно да ги судеа за она што требаше, можеби и ќе признаеја вина. Замислете цел живот на правдина да ви стои етикетата терорист.

Горан Ангелов објави разговор со ќерката во кој таа му вели: „Тато, ти си терорист, другарките ми кажаа дека си убивал невини луѓе и дека си лош“. Значи ли ова уништени детства на правдина?

– Овде се уништени многу детства и многу фамилии, и тоа трајно, бидејќи овие последици никогаш нема да се излекуваат. Овие луѓе нивните најубави години ги минуваат во затвор далеку од најблиските и цел живот ни криви, ни должни ќе ја носат етикетата терористи.

Илија Трпков, кој ја водеше постапката за организаторите за 27 април, пред да им каже дека се слободни рече: „Некој ќе каже дека случајот со организаторите на настаните во Собранието паднал, па сега треба да се ревидира и другиот предмет со осудени лица за настаните во Собранието, но тоа не е така. Напротив, предметот ниту падна, ниту се докажа дека настаните во Собранието се организирани, туку се побара милост од државата за овие настани“. По кои критериуми државата треба да им дава милост на обвинети или осудени лица?

– По политички, повеќе од очигледно е. Се виде дека државата им даде милостина на политичката каста и на некои други…

Во 2019 година ја донесе пресудата за 27 април, а на 26.11.2020 Добрила Кацарска е избрана за уставен судија. Случајност или награда?

– Награда. Таа учествуваше во руинирањето на правосудството и ја ставија претседател на Уставен суд. Ми се чини дека целиот народ ѝ е гневен на Добрила Кацарска бидејќи сите знаат дека луѓето се неправедно осудени. Кацарска се обиде на секој можен начин да ја саботира одбраната на обвинетите, а и да се изживува врз адвокатурата како фела. На едно од рочиштата се расипа опремата во новиот Кривичен суд, па нѐ префрлија во големата судница во старата зграда на истиот суд. Таму немаше услови за одржување рочиште со над 100 присутни. Тогаш требаше да се сослуша заштитениот сведок, кој беше круцијален сведок во постапката, а ние да го испитуваме. Но неговиот исказ требаше да се запишува, а маси немаше. Побаравме маса или простор да може да запишуваме, судијката Кацарска ни рече да коленичиме и да запишуваме за колена. Не прифативме и сите адвокати си заминавме, па бевме казнети со сума од по 1.000 евра. Ова е само еден пример како се газеше одбраната на обвинетите.

По застапувањето клиенти во ваква постапка за која велите дека е политички монтирана, верувате ли дека судството е чисто од политика и има ли надеж дека еден ден ќе имаме целосно независно судство?

– Не, судството не може да се исчисти од политика. Најчесто сум оптимист, но во моментот за судството не гледам светло на крајот од тунелот, бидејќи тоа ми се чини е само награда за оние што ќе ја добијат власта.

Катерина Додевска 

Фото: Роберт Атанасовски

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ