Поздравно онлајн обраќање на настанот имаа Теа Јалиашвили, прв заменик-директор, Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР), Жаклина Пешевска, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Сузан Е.Пенкса, заменик-шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Сања Николин, проектен офицер во ОДИХР.
Во своето обраќање Пешевска истакна: „Чест ми е што учествувам на оваа работилница посветена на унапредување на рамноправноста меѓу жените и мажите во процесот на подготовка и донесување закони во Собранието. Оваа активност, организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и ОДХИР, претставува значаен чекор кон градење поинклузивни политики и законски решенија кои ја одразуваат реалноста и потребите на сите граѓани.
Како претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, искрено верувам дека рамноправноста меѓу жените и мажите мора да стане составен дел од секоја политичка одлука. Нашата цел е да создадеме законодавни рамки што го почитуваат принципот на еднаквост, ја промовираат правичноста и овозможуваат еднакво учество и видливост на жените и мажите во сите општествени процеси. Жените не се статистика, тие се двигатели на промените, носители на визија и глас што мора да бидат слушнати.

„Се заблагодарувам на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и ОДИХР за поддршката и континуираниот ангажман во оваа област. Уверена сум дека преку заедничка работа, размена на искуства и унапредување на практиките, ќе придонесеме кон унапредување на рамноправноста меѓу мажите и жените“.
Работилницата беше посветена на оценка на спроведувањето од првата година на Акцискиот план на Собранието за унапредување на рамноправноста меѓу жените и мажите 2025-2027 година , како и обезбедување подлабоко разбирање за тоа како рамноправноста меѓу жените и мажите може да се интегрира во сите етапи на законодавниот процес – од иницирање, преку изработка, до усвојување на законите.
Преку практични примери, дискусии и алатки подготвени од експертите на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и ОДИХР, учесниците имаа можност да ги унапредат своите знаења и вештини за препознавање и оценка на влијанието на законите врз различни групи граѓани.
Работилницата имаше за цел и да ја поттикне меѓуинституционалната соработка, да ги охрабри членовите на работните тела во Собранието активно да ја застапуваат еднаквоста и да овозможи креирање поефективни механизми кои ќе гарантираат дека законодавството навистина ги одразува принципите на инклузивност и еднакви можности за сите.






