Целта на билатералната средба, како што соопштуваат од Министерството за локална самоуправа, е продлабочување на соработката меѓу двете земји и воспоставување цврсти темели за пренос на искуства и знаења во областите на регионален развој и локалната самоуправа, вклучувајќи ја и размената на практики од користењето на фондовите на Европската Унија.
На средбата се разговарало за тековната состојба во ресорните области кои ги водат двете министерства, за постигнатиот напредок во изминатата година, како и за реформските процеси што се спроведуваат со цел унапредување на ефикасноста и одговорноста во работењето.
„Изминатава година суштински ја анализиравме ситуацијата на терен и потребата на општините за долгорочен развој. Започнавме со најголема поддршка за општините досега, која ја обезбеди Владата во партнерство со Унгарија за финансирање на капитални инфраструктурни проекти во сите општини“, истакнал министерот Перински кој додаде дека преку добро планирани политики, поддршка за локалната економија и насочени инвестиции во инфраструктурата, може да се изгради поодржлив систем.
Перински ја потенцирал важноста од пренос на знаење и успешни практики од Унгарија, особено во делот на ефективната поддршка за општините, реформирањето на институционалната структура на Министерството за локална самоуправа и дигитализацијата на локалните услуги.
Во фокусот на разговорите биле и можностите што ги нуди програмата на ЕУ – URBACT, која овозможува соработка и размена на иновативни идеи помеѓу европските градови.
„Соработката со држави како Унгарија, која има богато искуство со европските фондови, може да даде значаен придонес во креирањето на нашите стратешки насоки за одржлив и рамномерен развој“, нагласил Перински.
Во рамки на посетата, како дел од официјалната агенда, е остварена и протоколарна посета на унгарскиот парламент.