На средбата се отворија повеќе прашања од значење за граѓаните на Сопиште – општина составена од 12 населени места со различни, но еднакво важни потреби. Посебен акцент беше ставен на подобрувањето на патната инфраструктура, обезбедувањето на стабилно и квалитетно водоснабдување, а на средбата се разговараше и за измените на Законот за локална самоуправа, кои значително ќе придонесат за поефикасни локални самоуправи.
Министерот и градоначалникот заеднички ја истакнаа важноста од координирана соработка меѓу централната и локалната власт како клучен предуслов за долгорочен и одржлив развој. И двајцата беа согласни дека преку ефективни решенија, приспособени на реалните потреби на жителите, се гради стабилна основа за подобар животен стандард, а кога има визија и соработка, резултатите и напредокот се неизбежни.
Токму со поддршка од централната власт, преку првиот владин повик за финансирање на општински инфраструктурни проекти, Општина Сопиште веќе реконструираше улици во населено место Варвара, Сопиште и две улици во Ракотинци, а во завршна фаза се и реконструкциите на улици во Долно Соње и Држилово. Во текот на неделава, Општината планира да достави пет апликации на вториот владин повик.
Министерот Перински посочи дека Министерството активно работи на воспоставување на Ресурсен центар за поддршка на развојот на општините, нов концепт кој ќе понуди стручна, административна и техничка поддршка, а ќе придонесе и за побрза и поефикасна реализација на развојни проекти на локално ниво, соопшти Министерството за локална самоуправа.