Во оваа најбројна скопска општина, во тек е санација и рехабилитација на скверот зад ТЦ „Капитол“, се обновуваат тротоарите на улица „23 Октомври“ во населбите Острово и Стар Аеродром, а од денеска започнаа да се реконструираат и тротоарите на улица „Анастас Митрев“ во населба Мичурин. Министерот Перински заедно со градоначалникот Дејан Митески, посетија дел од локациите каде се одвиваат градежните зафати и констатираа дека изведбата на терен се одвива непречено.
Согласни беа дека обновата на тротоарите ќе придонесе за зголемена безбедност и комфор за пешаците и дека интервенциите се доказ за посветеноста да се работи на решенија кои го подобруваат квалитетот на секојдневието на жителите, користејќи ја поддршката од централната власт на ефикасен и одговорен начин.
На Општина Аеродром на првиот владин повик одобрени ѝ беа девет проекти, а на вториот, Општината веќе поднесе апликативни формулари за шест проекти.
Министерот Перински при теренската посета на Аеродром истакна дека градежниот бум во општината е потврда дека партнерството меѓу централната и локалната власт не е само административна формалност, туку двигател на вистински промени. Тој беше дециден дека синергијата ќе продолжи, уште поинтензивно, уште поцврсто, затоа што преку соработка и меѓусебна поддршка се создаваат услови за траен и одржлив развој на општините и подобар живот за граѓаните, соопшти Министерството за локална самоуправа.






